Познатата шведска компанија Volvo, чиј мнозински сопственик е кинескиот Geely holding, најавила дека поради промени на пазарните услови, во своето производно портфолио ќе ги задржи и моторите со внатрешно согорување, но дека 90% од производството ќе отпаѓа на електричните и plug-in хибридните возила. Volvo неодамна заврши со производството на дизел возила, односно со посебен настан го одбележи производството на последниот дизел автомобил. Причините за ваквата одлука треба да се бараат во се послабата побарувачка на електрични возила на клучните европски пазари во кои државите ги укинуваат субвенциите за купување на овие возила. Во јули, продажбата на електрични возила во ЕУ паднала за 11%. Овде треба да се додаде дека претходно и General Motors и Ford, најавија пролонгирање за најмалку пет години на своите амбциозни планови за електрификација, додека Volkswagen се наоѓа во криза и најавува дури и затворање на некои свои фабрики.
Автомобилската индустрија, освен онаа во Кина, минува тежок период, првенствено поради политичките одлуки на владите на своите држави, кои се бирократски, без сериозно почитување на пазарната реалност, и кои резултираа во неповолна позиција на автомобилската индустрија на западните земји. Се проценува дека ниту воведувањето на царина од 100% за електричните автомобили од Кина (Канада, САД, ЕУ нешто пониска и селективна) нема многу да помогне. Оттука не изненадува потегот на автомобилските гиганти да ретерираат кога станува збор за драстичното напуштање на моторите со внатрешно согорување, и да се потрудат да развиваат нови технологии и горива (пр. синтетички) со цел да постигнат нулта емисија на друг начин.