До неодамна, хотелот TWA бил дел од терминалот на аеродромот JFK во Њујорк, за Trans World Airlines – попознат едноставно како TWA. Но, во 1990-тите, компанијата TWA се нашла во проблеми, а во 2001 година овој авиопревозник е споен кон American Airlines. Култната главна зграда била празна до 2015 година, кога е најавено дека ќе биде обновена како хотел во самиот аеродром. Со големо исчекување и помпа, хотелот е конечно отворен во 2019 година. Хотелот TWA се наоѓа веднаш пред терминалот 5 на JFK, каде што оперира JetBlue. Терминалот и хотелот се поврзани со тунел и лифт.
Ноќевањето во овој хотел чини најмалку 200 долари, а цените се значително повисоки доколку сакате соба со поглед кон пистата. Но, за многумина не само вљубеници во авијацијата, тукиу и во дизајнот и историјата, ова е ниска цена за стекнатото искуство. Хотелот има 512 звучно изолирани соби, големи простории за состаноци, кафуле и ресторан, базен на покривот како и место за набњудување на пистата. Тука е и најголемата светска хотелска теретана, со површина од околу 3.000 метри квадратни. Дизајнот и предметите навраќаат во 60-тите години од минатиот век, а тука е и хотелскиот музеј кој го презентира минатото на TWA.