Асоцијацијата на архитекти на Македонија – ААМ на 26.6.2022 прослави значаен јубилеј, 70 години од своето постоење. Имено, со решение на Министерството за внатрешни работи на НР Македонија се одобрува основање и работа на Друштво на архитекти на Народна Република Македонија (ДАМ) со седиште во град Скопје, а со право на дејност на подрачјето на Народна Република Македонија. Формирањето на нашето здружение се случило само после седум години по завршувањето на Втората светска војна и три години од отпочувањето со работа на Техничкиот факултет во Скопје. И оттогаш еве веќе 70 години AAM претставува особен општествен чинител и покрај промените настанати со формирањето на Комората на овластени архитекти и инженери на Македонија.
На формирањето на Друштвото на архитекти му претходело формирање на Здружението на инженери и техничари веднаш после војната во април 1945 година, по што следувало и формирање Сојуз на здруженијата на инженери и техничари на Југославија, за подоцна да отпочне со формирање друштва на поодделните инженерски струки. Сите тие беа дел од номенклатурата на ССРНМ (Социјалистички сојуз на работниот народ на Македонија), сè до крајот на постоењето на Југославија. Друштвото на архитекти на Македонија – ДАМ, под тоа име работи сè до 1980 година кога се преименува во Сојуз на друштва на архитекти – СДАМ, кога се воспоставува нова организациска структура со формирањето градски друштва низ целата република. А во 1999 година, СДАМ се претвора во Асоцијација на архитекти на Македонија како современ облик на граѓанско здружување врз база на стручна профилација.
Според евиденцијата на Асоцијацијата на архитекти на Македонија со неа претседавале голем број на истакнати архитекти, меѓу кои постарите се веќе дел од историјата на културата на нашата држава па да споменеме неколку: Сотир Томовски, Борис Чипан, Александар Жупан, Љубе Пота, Крум Томовски, Михо Чакеља, Душко Пецовски, Љубомир Томиќ, Славко Брезовски, Живко Поповски, Трајко Димитров, Александар Смилевски, Александар Николски, Кирил Муратовски, Александар Карев, Панта Христовски, Венцислава Гаврилска, Вангел Божиновски, Вања Стефановски, Зоран Ивановски, , Тихомир Стојков, Драган Стојановски, Кокан Грчев, Даница Павловска, Сања Раѓеновиќ-Јовановиќ, Мартин Пановски.
Прв претседател на Друштвото на архитекти бил Сотир Томовски, еден од само петте архитекти кои работеле во Македонија од пред војната. Според проф. Борис Чипан, активностите на новооформеното Друштво во почетокот не биле чести ниту значајни, зашто главно се работело според политички директиви, а проблеми околу струката и немало, како дипломирале првите студенти на новоформираниот Технички факултет сите веднаш добивале работа. Прва позначајна активност било организирањето Собир на архитектите на Југославија во Охрид во 1958 година, на кој веќе почнале да се водат критички дебати и да се организираат изложби на архитектонските творби во земјата и странство.
Отпочнувањето со работа на Друштвото на архитекти на Македонија, професорот Крум Томовски во едно сеќавање ќе посочи дека е битен момент за архитектонското формирање и опстојување на тогашните нови генерации архитекти. Тоа се години кога се поставени основите врз кои се градела архитектурата како професија, како образование, време на афирмација и општествена валоризација. Со оглед на малиот број школувани архитекти кај нас, јавноста не била на чисто за тоа за каква професија станувало збор, повеќето разбирале дека се тоа некакви „цртачи“ но не повеќе од тоа. Затоа, според него, тоа биле години на самодокажување и афирмација на архитектурата како креативна професија и како зачетник на секој градбен процес, од идеја, план, проект и изведба. Друштвото на архитекти ја одиграло пионерската задача во толкувањето на суштествената улога на нашата струка и нејзините специфичности. Но, тоа станувало многу појасно како се зголемувала динамиката на поствоената изградба низ целата тогашна Југославија. Улогата на Здружението на архитекти била важен сегмент во едукација во професијата преку разни советувања, конгреси на одредени проектантски теми, а потоа и промоција на токму тие идеи низ концепти, проекти и изведени дела. Земјотресот во Скопје им носи нови ангажмани на архитектите, а со тоа и нов начин на делување на нашето здружение, настапува време на интензивна изградба, комуникација со светски познати и признати авторитети. Со тоа македонската современа архитектура станува препознатлива и признаена низ светот, и е предмет на стручни и научни истражувања и расправи. Асоцијацијата на архитекти е предводник на критичката професионална мисла и став наспроти лаичките обиди за нејзина деградација и отфрлање на што бевме сите сведоци во изминатата деценија преку озлогласениот квазипроект „Скопје 2014“. ААМ навреме го препозна ваквиот ретрограден план и донесе Декларација со која го отфрли и го прогласи за непрофесионален и политички.
Јасни се целите и задачите на ААМ и тие се декларирани во нејзиниот Статут. Според истиот целите, определбите и делокругот на работа на ААМ се подредени на поширокиот интерес за развој, унапредување и афирмација на архитектонската професија, како на територијата на Р Македонија така и во меѓународни рамки. Во таа смисла ААМ особено се грижи за развојот на архитектурата и архитектонското творење во Македонија, афирмација на македонската архитектура и творештво во меѓународни рамки, следење на случувањата на полето на архитектурата и вклучување во современите текови на развојот на архитектонската мисла, теорија и практика, следење и унапредување на нивото на архитектонската едукација, практика и квалитетот на архитектонската продукција, а секако и следење и присуство во работата на органи и институции кои ја регулираат материјата на архитектонската практика и донесуваат прописи и закони од доменот на архитектурата, градежништвото и просторното планирање и давање релевантни мислења по однос на истите. Во Статутот на ААМ се наведени и други важни цели и одредби од делокругот на нејзината работа, со што се потврдува нејзината важна општествена улога во обликувањето и организацијата на изградениот простор градејќи ги идентитетските карактеристики на нашата материјална култура.
Своите активности ААМ ги артикулира низ неколкуте институции кои низ децениите од своето постоење се етаблираа како важни културни настани како: АА – Архитектонската академија, во која членуваат доајени на македонската архитектура, носители на наградата за животно дело „Андреја Дамјанов“; Големата годишна награда која ААМ ја доделува на најдоброто изведено архитектонско дело во државата и секако најзначајната манифестација БИМАС – Биенале на македонската архитектура, презентација и валоризација на двегодишната продукција на архитектите од Македонија. БИМАС е и една од позначајните културни манифестации воопшто во нашата држава, која вообичаено се одвива низ петнаесетдневна разновидна програма, а завршува со доделување на „Гран – при“ награда за најуспешно реализирано архитектонско дело како и на други награди по категории.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија пред повеќе од 15 години беше и еден од основачите на Комората на овластени архитекти и овластени инженери на РС Македонија. Со тоа се воведоа нови правни и стручни критериуми во регулирање на инженерските професии. Но, тоа ни најмалку не го намали значењето на постоењето на ААМ, напротив, дури и го зајакна. Зашто ААМ беше, остана и ќе биде најширокиот демократски форум за стручна дебата кој навидум директно нема моќ да одлучува, но индиректно, преку учество со свои претставници во комисии и одбори како стручни тела во институциите кои законски одлучуваат за просторот има можност за влијание на струката во политички одлуки. ААМ отсекогаш јавно настапува со изградени стручни ставови во прилики кога станува збор за дејствија и активности во просторот во кој живееме во насока на заштита на јавниот интерес низ подобрување на животните просторни услови на луѓето како колектив, имајќи ги предвид поединечните потреби и желби на секој од нас.
Асоцијацијата на архитекти на Македонија е член на Меѓународната унија на архитекти (UIA), Регион 2, како и на Балканскиот архитектонски форум, со кој во моментот и копретседава и е придружен член на Архитектонскиот совет на Европа. Со тоа македонските архитекти се во постојан контакт со случувањата на полето на архитектурата во светот и активно учествуваат во меѓународните здруженија што е овозможено со нејзиниот статус на граѓанско здружение што е еден вид на невладина организација и како таква ѝ е овозможен пристап до разни меѓународни стручни активности.
Во текот на овие 70 години постоење во Асоцијацијата членувале стотици архитекти.
Затоа, сите ние архитектите и другите поддржувачи на архитектурата, како поединци и државата преку своите институции имаме обврска да се грижиме за опстојувањето на Асоцијацијата на архитекти на Македонија зашто претставува битен и незаменлив дел на нашето општествено живеење и е во коренот на нашите идентитетски карактеристики, нешто што нè прави полноправна заедница во меѓународни рамки.
Седумдесет години постоење е пригода за славење секако, но и обврска да се продолжи и понатаму со активности на поле на афирмација и поддршка на македонската архитектура и на нејзините протагонисти преку заземање нивно достојно место во нашата општествена хиерархија.
Нека ни е честит јубилејот 70 години постоење на Асоцијацијата на архитекти на Македонија!
Мишко РАЛЕВ, претседател на ААМ