Според објаснувањето од градската управа, градот може да расте без да се шири, преку пополнувањето на празните девастирани простори (не-места) кои егзистираат во градот и тоа во прилично голем процент, со обнова и реконструкција на субурбаните и субстандардните простори, како и со пренаменување на застарените и високозагадувачки индустриски комплекси.
Многу дилеми околу новиот Генерален урбанистички план се разјаснија по дводневниот интензивен состанок, што претставниците на Градот и на десетте општини го одржаа во Берово. Поголемиот број прашања се отворија таму, од кои дел по дел добиваат одговор како што поминуваат деновите. Секако, уште сме далеку и од некоја груба финална верзија, но добар дел суштински детали се веќе познати.
Така, цело Скопје ќе се подели на градски четврти (квартови), а тие понатаму на блокови. Ќе има вкупно 30 кварта и 180 блока. Секој кварт ќе има и посебен назив. Понатаму, се разгледуваат и опции за промени и во уличната мрежа. Повеќе општини побараа зацртаните, но нереализирани булевари или да се избришат или да се стеснат, односно да го променат статусот во улици. Причината е што во меѓувреме (односно во изминативе четириесетина години) на нивните траси се изградиле цели населби, па сега би било премногу сложено да се опстои на она што било предвидено во шеесеттите. Градот може да добие и нови граници, со што би ги опфатил и неколкуте периферни населби во кои многумина си направија свои домови, бегајќи од центарот и од другите урбани краишта во помирни места.
Меѓу поинтересните прашања за кои се чекаат одговори од новиот ГУП е и бројот на жители што може да ги прими, односно да ги издржи градот. Дали тој е веќе пренаселен, дали ќе мора да се ограничи миграцијата, ќе биде ли неопходна поголема строгост и контрола на неговиот раст?
– Како и сите главни градови, така и Скопје, кој претставува метропола и репрезент на државниот идентитет, има свој континуиран раст кој во најголема мерка зависи од демографските тенденции и од миграциските движења во рамките како на нашата држава така и во регионалното опкружување. Просторниот капацитет на градот е омеѓен со постојните граници на урбаниот опфат, а сите параметри укажуваат на тоа дека Скопје е способно во себе да ги прими сите планирани приливи и на подлгорочно ниво, без притоа просторно да се зголеми. Сето ова се согледува од аспект на природните фактори, од конфигурацијата на теренот и од можностите за просторна композиција, а практично ќе се оствари преку хармонизација на просторните чинители во единствен препознатлив амбиент со дефинирани функции, односно наменски употреби на земјиштето. Оперативно ваквите ставови ќе се спроведуваат преку пополнувањето на празните девастирани простори (не-места) кои егзистираат во градот и тоа во прилично голем процент, со обнова и реконструкција на субурбаните и субстандардните простори, како и со пренаменување на застарените и високозагадувачки индустриски комплекси -објаснуваат од градската управа.
Според тоа, градот е далеку од полн, има многу празнини кои треба да се пополнат внатре во него и ќе нема потреба од ширење уште долги години. На овој начин потенцијалните нови жители ќе можат да си го решат станбеното и некои други прашања. Но, тука не завршува проблемот. Познато е дека капацитетот за демографски раст на еден град не зависи само од можноста за изградба на нови станбени единици. Еден од поважните аспекти е дали ќе има доволно улици за сите тие луѓе да се движат, особено поради тоа што се бара измена на повеќе траси, откако пред многу години голем број сегашни жители на градот си го решиле станбеното прашање со дивоизградени куќи токму на тие места. Засега, според најавите од градот, крупни промени не се очекуваат, односно тие ќе се обидат да ги изградат булеварите што се предвидени и неопходни.
– Генералниот урбанистички план ни е со важност од 10 години (до 2022 година), а неговото време на согледување е за период од 25 години (до 2037 година). Во таа смисла, примарната улична мрежа како дел од ГУП се планира согласно идниот просторен развој на градот и тука во никој случај не може да стане збор за бришење на претходно планираните сообраќајници, туку за преиспитување на профилите и трасите и нивно благо приспособување со фактичката состојба, не губејќи ја од предвид иднината. Сообраќајниот концепт на градот Скопје е поставен од експертските тимови на Обединетите нации во периодот по земјотресот и тој до денеска не претрпел промени од поголеми размери. Системот на сообраќајници го сочинуваат лонгитудиналните булевари во правец исток- запад, како што се Јужниот булевар, Илинденска, Александар Македонски, Словенечка и други, попречните поврзници во правец север-југ како Крушевска Република, 8-ми Септември и други, и секако Малиот и Големиот ринг. Примарната сообраќајна мрежа како еден од најзначајните витални градски системи во корелација со секундарните сообрајници, секако се еден од клучните елементи кои го одржуваат градот во живот. Ова не го гледаме само од аспект на транспортен модел, туку и како коридори за водење на подземните инсталации, аерација на просторот, дренажа и зеленило – додаваат од Градот.
Кога сме кај зеленилото, постои начелно ветување дека ќе го има доволно, иако градските празнини кои често се нагласуваат нема да се пополнуваат само со него.
– Се уште е рано да се лицитира со бројки, бидејќи планот е во фаза на разработка во нацрт верзија, паралелно со изработката на студијатата за стратешка оценка на животната средина. Но, едно е сигурно, а тоа е дека ќе бидат имплементирани сите технички параметри кои постојат, како во домашната регулатива така и оние што ги црпиме од светските позитивни искуства кои се занимаваат со оваа материја, а сето тоа во контекст на одржливиот развој. Ова значи дека тежиштето ќе биде поставено во правец на зголемување на јавниот простор и зелените површини како јавен интерес од највисоко ниво, со што несомнено во голема мера би се подигнало нивото на квалитетот на живеење во главниот град – објаснуваат градските власти.
Сите овие аспекти ќе бидат реализирани низ призмата на квартовско-блоковската поделба на градот. Веќе навикнавме тој да биде поделен на десет општини, секоја со свој градоначалник, и на тој начин да си ја организираме локалната самоуправа, во политичка смисла. Новата поделба, како што велат од градот, нема да ја поништи старата, и таа ќе служи само за урбанистичко планирање, а не за самоуправување.
– Поделбата на просторот во ГУП 2012-2022 на градски четврти претставува имплементација на законските решенија и е урбанистичка алатка исклучиво во функција на просторното планирање. Ваквиот пристап ќе ни овозможи во наредниот период да го олесниме планирањето на просторот на пониско ниво (деталното планирање). Сите параметри ќе се даваат на ниво на градска четврт и градски блок, со што прецизно ќе се утврдат опфатите на идните ДУП-ови, како и нивната содржина од аспект на основна намена на просторот, процент капацитет и коефициент на изграденост, јавни и зелени површини, објекти од јавен интерес и друго – категорични се градските власти.
Катерина Спасовска-Трпковска