Можеби зборот „копиле“ има премногу еднострано значење во македонскиот јазик, но во
случајот на Скопје, тој збор означува хибрид со бурно минато, исполнето со спротивности и
одбивања, нешто силно и оригинално, со можност да учи од сопствените контрадикторности
или пак, во поопшта смисла, ентитет со мноштво идентитети и неограничена слобода на избор.
На 10 мај, во Музеј на град
Скопје се одржа промоцијата
на монографската студија
Скопје – Светското копиле:
Архитектурата на поделениот град
од авторите Милан Мијалковиќ и
Катарина Урбанек. На промоцијата
беа претставени сите три изданија
на книгата, на македонски, англиски
и на албански јазик. Македонското
издание на книгата е поддржано
од Фондацијата институт отворено
општество – Македонија, во рамките
на програмата за граѓанско
општество, додека албанското
издание е финансирано од страна
на Сојузното министерство за
култура и образование на Австрија.
И обете се објавени од страна
на издавачката куќа „Готен“ од
Скопје, во рамките на едицијата
Лантерна. Англиското издание
на книгата пак, беше објавено
во март 2011, од страна на
издавачката куќа „Визер Верлаг“
од Клагенфурт/Целовец, Австрија,
која е одговорна и за глобалната и
интернет дистрибуција на книгата.
Ова издание беше промовирано
на саем на книгата во Лајпциг.
Вредност или провокација?
Промоцијата беше проследена со
дебата на тема „Старите планови
и новите визии за Скопје“, во која
зедоа учество еминентни имиња
од областа на архитектурата,
но и останати релевантни лица.
Воведна реч на дебатата имаше
Даница Павловска, претседателка
на Асоцијацијата на архитекти
на Македонија, а учествуваа
историчарите на уметност Небојша
Вилиќ и Бојан Иванов, кои се
и рецензенти на споменатата
книга, како и архитектите Бетим
Зекири, Мимоза Томиќ и Елизабета
Попоска од „Прва архибригада“
на Македонија, и уметникот Зоран
Поповски. Модератор на настанот
беше Роберт Алаѓозовски. Дебатата
ја отворија издавачот и рецензентите
на книгата. Според рецензентите,
се работи за едно дело со сите
постмодернистички белези, во кое
е извршена контекстуализација на
постоењето на градот низ времето,
со поставен акцент на две клучни
точки – 1963 и 2014 година. Во
секој случај, таа отвора едно
поинакво гледиште на Скопје како
на поделен град од многу аспекти.
Историчарот на уметност Небојша
Вилиќ, како рецензент на книгата
се изјасни околу своите намери да
биде непристрасен при соочување
со ова „новороденче“ во семејството
на стручна литература која ја
обработува архитектурата на Скопје:
„Ова е петта објавена книга за
Скопје во последниов период,
што значи дека за Скопје одново
се размислува, како што не се
случило по земјотресот. Покрај тоа
што имаме уште еден материјал
за цитирање, значењето на ова
дело е во тоа што авторите со
студена глава говорат објективно
и несугестивно за непремостивата
поделеност, притоа посочувајќи
реални примери“, вели Вилиќ.
Според него, критичкиот пристап
варира во различни култури.
Оваа книга е значајна, меѓу
другото, и затоа што ни дава
одговор на прашањето:
Кој пишува за она што нас не мачи?
Тој смета дека во посочената книга
се цитирани мал број македонски
автори, но мислењата и ставовите на
аторите се јасно изразени, а со тоа
и ставовите на „Порта на Европа“,
како што обично ја нарекуваме
Виена. „Ваквото изразување делумно
ја застапува постоечката поделеност
околу мислењата за актуелните
настани од областа на архитектурата
кај нас“, констатира Вилиќ.
Историчарот на уметност
Бојан Иванов, исто така
рецензент на книгата, изјави
дека книгата во голема мера го
потсетува на самиот град.
„Постмодернистичко дело кое
има форма на научно дело што
би пренесувало знаење, но е
тешко да се опипа од која област
конкретно е тоа знаење, како да е
во прашање нова наука во зародиш.
Освен пренагласената судбинска
нота при говорењето за Скопје,
која сега е суптилизирана,
за книгата немав други
забелешки“, вели Иванов.
Недoречен кoнцепт
Во текот на презентацијата
на книгата, која авторите ја
имаа подготвено специјално
за промоцијата на книгата,
паралелата беше повлечена
меѓу некогашните планови за
Скопје по 1963 година, од страна
на C. Doxiadis, E. Weissmann
и K.Tange, како и денешните
резултати на овие планови, кои
во голема мера не се докрај
реализирани, со што е постигнат
контраефект на нивните првобитни
намери. Ваквиот недоречен
концепт, денес се надградува
со сосем спротивни идеи.
– Големо изненадување за нас
авторите е фактот што македонските
архитекти далеку побурно реагираа
на поднасловот „поделен град“,
отколку на провокативниот наслов
„Скопје – светско копиле“. Токму
ова се двете главни тези кои
се изнесени во монографијата.
„Скопје – светско копиле“ се
однесува на можноста градот да се
идентификува со ваков идентитет,
па дури и тоа да го искористи како
сопствено брендирање и знак на
препознатливост, на начин сличен
на некои други космополитски
градови, како Брисел, Женева,
Барселона… Можеби зборот
„копиле“ има премногу еднострано
значење во македонскиот јазик,
но во случајот на Скопје, тој збор
означува хибрид со бурно минато,
исполнето со спротивности
и одбивања, нешто силно и
оригинално, со можност да учи од
сопствените контрадикторности
или пак, во поопшта смисла,
ентитет со мноштво идентитети и
неограничена слобода на избор.
Втората теза, пак, според која
Скопје е поделен град, се однесува
на поларизацијата и свесното
мешање на структурите на градот.
Ваквата поделеност произлегува
од испуштените фрагменти на
инаку целобитните планови за
урбанизација по земјотресот.
„Проблемот на Скопје не
произлегува од сегашноста.
Градот беше копиле и пред 1963
година, но потоа секој сакаше
да го посвои. Некомплетната
реализација на тогашните планови
носи натамошни непријатности.
Злоставувањето на просторот во
Скопје е почнато одамна, а гласот на
јавноста останува игнориран, како
во не толку дамнешниот случај на
петицијата против новата локација
на амбасадата на Америка“,
изјави во текот на дебатата
архитектот Мелпомени Корнети.
Интересен став околу причините
за денешните последици изнесе и
архитектот Мимоза Томиќ. Според
неа, „пoстои проблем на социјалната
структура, и таа претставува
имплозија, која одвнатре го
разјадува градот. Истата е започната
многу одамна, со воведување
на политиката на „отворен
град“. Динамиката на развојот
не можеше да се следи заради
недостиг на урбана политика. Тоа
е во голема мера причинител за
поделеност, распарченост… “
Архитектот Бетим Зекири
потенцираше дека Скопје не
го гледа како поделен град
туку како фрагментиран, што
е резултат на постигнување на
глобалната реалност, а според
него, токму заради тоа градот
уште повеќе ќе се фрагментира,
што и не е така лошо, сè додека
фрагментите се во корелација.
Вистинско време,
место и начин
Препорака за суптилни интервенции
во прострот, наспроти просторно-
монументалните, даде дигиталниот
уметник Зоран Поповски. Тој
со својата реплика во дебатата
препозна менување на нарацијата
на претходните ери. Притоа за
пример ги зема Варшава и Берлин,
како урбанистички палимпсести
заради степенот на разрушување
кој го имале во клучните точки
за нивната сегашна состојба.
Архитектот Михаил Токарев ја
сврза тематиката со политичка
конотација изјавувајќи: „Нормално
дека Скопје е копиле, кога е
главен град на република која не
може да си го добие сопственото
име. Доколку не се контролира
развојот и продолжи секој трет
жител на државата да живее во
главниот град, ќе си го заслужи
натокменото име – Република
Скопје. Потребно е да се смени
насловот на промотивната дебата од
„Старите планови и новите визии“,
инверзивно, бидејќи во тоа време
се градело според далекусежни
визии, а денес, имаме планови,
но градењето е без визија.“
Леонида Пенка Баша