Насловна / Градежништво / Сина пена за зелен покрив

Сина пена за зелен покрив

sina_pena_zelen_pokriv.jpgStyrofoam (Polykem SR) е сина екструдирана полистиренска пена (XPS), која служи како изолационен материјал. Заради технологијата на производство со екструдирање, плочите имаат еднолична структура на затворени клетки. Оваа структура има многу предности: ниска вредност на топлинска спроводливост за долги периоди, одлична механичка цврстина, нема капиларно впивање, висока оптпорност на влага, постојаност на циклусите на смрзнување и одмрзнување, долг рок на употреба, мала тежина и лесна обработка (се сече со едноставни алати), отпорност на распаѓање и стареење. Исто така, материјалот е чист, без мирис и не ја надразнува кожата.

 

Карактеристиките на овој материјал овозможуваат негово вградување во инверзни рамни покриви, надворешни подрумски ѕидови и на подот под плочите како изолација против смрзнување во станбените згради и инженерските објекти. DOW, фабриката што за прв пат го произведе Polykem SR во 1941 година, има цела палета на вакви изолациони материјали за посебни намени: Roofmate е наменет за изолација на покриви, подови и конструкции под земја; Floormate – за изолација на станбени и индустриски подови, како и за темелни плочи; Shapemate – за изолација на ѕидови, цоклиња и за заштита на толински мостови; Styrofoam LB – за изолација на PVC и AL панели; Styrofoam RTM – за изолација на ладилници и др.

Roofmate и Floormate за изолација на инверзни рамни покриви
Покривите се елементи кои се најизложени на надворешни влијанија. Заради тоа нивната правилна структура е одлучувачки фактор за нивната долготрајност. Кај рамните покриви изградени со конвенционален начин на градба, топлинската изолација се наоѓа над покривната плоча, а под хидроизолацијата. Хидроизолацијата на тој начин е термички изолирана од другиот дел на покривната конструкција, а со тоа е изложена на широк температурен спектар со зголемен ризик од претерано пукање. Кога ќе го примениме концептот на инверзниот покрив, ризикот од пукнатини е минимален.

zelen_pokriv.jpgТермоизолационите плочи поставени преку хидроизолацијата обезбедуваат заштита од бројни штетни влијанија. Тоа се: екстремните температури – кај инверзните покриви температурата на хидроизолацијата се движи во многу мали интервали, потоа климатските влијанија и UV-радијација, механичките oштетувања во текот на вградувањето.
Системот на обратна изолација на рамните покриви се покажа успешен во Европа повеќе од 35 години. Во споредба со конвенционалните покриви, очекуваниот животен век на хидроизолацијата е подолг, а ризикот од пукање е намален благодарение на постојаната ефектна заштита. Сo правилно поставување на паропропустливите покриви не се очекува намалување на термичките својства.
Проценката за животниот век на правилно проектиран и изведен инверзен покрив се движи од 45 до 50 години, а Roofmate таблите траат преку 50 години.
Обратниот систем на изолација е применлив за сите видови рамни покриви. Вообичаениот начин на градба се непроодните покриви со заштитен слој чакал на површината. Инверзните покриви наоѓаат примена на покривни површини како што се тераси, зелени покриви, паркинзи. Концептот на инверзниот покрив има повеќе предности: заштитена хидроизолација, хидроизолацијата се поставува на покривната плоча (бетонската плоча), едноставно се вградува без дополнителна парна брана, поставувањето на слоевите над хидроизолацијата не зависи од временските услови, и најважно од сè заштеда на енергија и намалување на трошоците.
Правила за изведба
За да се добијат оптимални особини на инверзниот покрив, мора да се следат некои основни правила. Прво, пожелно е покривната плоча да е армирано-бетонска, минимум 150-200 кг/ м2 и со минимален пад од 1,5%. Кај лесните покривни конструкции како што се металните таванки на пример, коефициентот на отпорност на преминот на топлината под слоевите на хидроизолацијата мора да биде минимум R= 0,15 m2 K/W.
Слоевите над Roofmate SL таблите мора да бидат паропропустливи. Вирчињата вода и плочите за поплочување што се поставени директно на термоизолацијата создаваат ризик од кондензација. Кај зелените покриви-тераси, паркиралишта, се препорачува поставување на слој за дифузија помеѓу толинската изолација и тлото, плочите за поплочување или бетонските плочи.
Roofmate SL треба да бидат поставени во еден слој. Дебелината на слојот за покривање треба да е толкава што ќе го спречи подигањето на таблите под дејство на силата на ветерот и ќе го оневозможи нивното лебдeње. За непроодните покриви се препорачува слој на чакал со гранулација 16/32 мм минимум 5 см дебелина. Помеѓу термоизолацијата и слојот на чакал треба да се постави геотекстил кој е паропропустлив и водонепропустлив. Тој треба да има преклоп од 200мм заради подобрување на стабилноста на таблите, заштита на нивната површина и спречување на продорот на чакал во споевите помеѓу таблите.
За таа цел се препорачува користење на неткаен полипропиленски филц 110-140 g/m2 тежина. Зоните на слојот за израмнување што се наоѓаат покрај рабовите, треба да се заштитат од влијанието на ветерот со дополнителен товар, плочи за поплочување или со држачи за товар.
Во практика се изведуваат две Styrofoam решенија за изолација на инверзните покриви. Првото, Roofmate SL се користи за изолација на непроодни покриви со слој на чакал за заштита на тераси, зелени покриви, проодни покриви со оптоварување до 33 t/m2, а второто Floormate 500, Floormate 700 е наменето за покриви изложени на тешки оптоварувања, како и покриви проодни за тешки возила со оптоварувања преку 33 t/m2.

 


Покриви – тераси

 

Терасите се најчеста форма на рамните покриви. Тие се изведуваат со поставување чакал преку таблите Roofmate SL врз кој се редат бетонските плочи. Помеѓу слоевите на термоизолација и агрегатот има слој на геотекстил отпорен на гниење (како што е на пример, полипропиленскиот филц), кој делува како заштитен и раздвојувачки слој.
Алтернатива на ова решение е полагање на бетонски плочи на дистанцери поставени на изолацијата низ геотекстилот. За адхезионо поплочување се користат плочи отпорни на смрзнување кои се врзуваат за армирано-бетонската плоча од 6мм, која се поставува врз слој од чакал од 3мм. Помеѓу АБ плочата и плочите се поставува парна брана од геотекстил.

 


Зелени покриви

 

Зелените покриви најчесто се изведуваат како инверзни покриви каде термоизолациските табли овозможуваат заштита од хидроизолација. Падот на покривната површина треба да биде таков, да ја избегне долготрајната потопеност на Roofmate SL изолационите табли во вода, како и да се избегне константното акумулирање вода во дренажниот слој.

 


Покрив плус

 

Концепцијата на покрив плус со Roofmate SL изолациски табли преку хидроизолацијата е економично решение на обновување. Ваквата структура овозможува постоечкиот покрив да се претвори во нискоенергетски потрошувач.
За да се направи тоа, најпрвин треба старата хидроизолација стручно да се подготви за обновување: да се отстранат меурите, засеците, наборите и преку постоечкиот слој да се постави нова хидроизолација. Дури тогаш, врз обновениот слој може да се изведе каков било инверзен покрив.

Сузана ВАСИЛЕВА
дипл.град.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top