Насловна / Вести / Недвосмислена потврда на локацијата утврдена со ГУП на Скопје од 2002 година

Недвосмислена потврда на локацијата утврдена со ГУП на Скопје од 2002 година

Во својот зрел период на творење Агенцијата за планирање на просторот, во 2010 година, доби предизвикувачка и инспиративна задача – да се изработи Детален урбанистички план (ДУП) за нов Универзитетски клинички центар (НУКЦ), на простор утврден со Генералниот урбанистички план (ГУП) на Скопје донесен во 2002 година, а со плански период од 20 години. Нарачател беше Владата на Република Македонија преку Министерството за транспорт и врски и Министерството за здравство.
Предизвикувачка задача – затоа што со ДУП, врз основа на методологијата за планирање на просторот, одново длабоко се анализира (афирмира или негира) изборот на локалитетот за НУКЦ (утврден со ГУП на Скопје), а инспиративна задача – затоа што локалитетот има експонирани, крајно специфични карактеристики со бројни лимити кои директно влијаат на планскиот концепт. Секако најспецифичен е лимитот којшто го наложува просторот на Скупи, со неговите заштитни зони, но не помалку се близината на железничката пруга и трасата на булеварот „Словенија“, како и реката Лепенец со каналите за наводнување на земјоделските површини. Локалитетот го сече главната водоводна инфраструктура што го напојува Скопје – север, уште еден елемент повеќе којшто го обременува просторот.

3
Локацијата се наоѓа меѓу селото Бардовци од север, поточно железничката пруга Скопје -Кичево и новата траса на булевар „Словенија“, болницата за душевни болести од запад и југозапад, патот за село Бардовци од исток и населбата Злокуќани од југ, југоисток.
Направени се повеќе варијанти за утврдување на планскиот концепт, темелени на сообраќајната анализа и програмските барања, за конечно да се добие урбанистичка матрица којашто ја потврдува исправноста за изборот на локацијата, односно предложениот простор од ГУП на Скопје, во функционална, еколошка, сообраќајна и развојна смисла, со голема капацитативност на просторот. Значи нацртот на ДУП за НУКЦ ја афирмира, недвосмислено ја потврдува локацијата утврдена со ГУП на Скопје донесен во 2002 година . Оваа констатација е потврдена и со студијата изработена од страна на странски експерти, а којашто беше нарачана од Владата на Република Македонија. Одредени елементи од студијата беа користени во изработка на ДУП за НУКЦ. Во оваа студија постоеше и алтернативна локација, северозападниот дел од касарната „Илинден“. Исто така во оваа студија беше јасно претставено дека не треба да се даде ни денар за реконструкција или обнова на некој од градбите во сегашниот Универзитетски клинички центар, туку сите одвоени сретства да се насочат кон новата локација, уште повеќе што таа има карактер на greenfield. Студијата препорачуваше јавно-приватно партнерство во финансирање на изградбата на центарот.
А што нуди планскиот концепт на новата локација?
Предложениот плански концепт темелен на капацитативноста на просторот, како и на сеопфатни анализи и прогнози нуди:
● Најбрза сообраќајна врска, патна и железничка со населените места во Македонија и пошироко (југот на Србија, Косово, Албанија, западот на Бугарија), како и со градот и градските населби (значи можност за употреба на болнички вагон, особено во напредна технологија на брза железница)
● Непречено, безбедно и брзо влегување на пациенти, возила на Итната медицинска служба, како и на клучниот персонал со моторни возила или велосипеди во комплексот на НУКЦ, преку патни клучки на две нивоа, со радиуси коишто тоа го овозможуваат
● Интерна сообраќајна улична мрежа, којашто овозможува непречено движење на пешаци, велосипедисти и моторни возила и возила со специјална намена (ПП- возила, возила на полицијата, медицински возила, возила за снабдување и комунални возила)
● Издвоен сообраќаен влез за блокот на судска медицина, како и посебна ограда за истиот
● Издвоен влез за студентскиот кампус, како и делот со сместувачки и угостителски карактер
● Единствен клинички блок (дадена е можност за мостовско – надземно поврзување со сообраќајните терминали и со други содржини од комерцијален, угостителски и сместувачки карактер, како и со Факултетот за медицински науки)
● Покриен надземен простор со пропратни содржини како пешачка врска на клиничкиот блок со автобускиот, односно железничкиот терминал
● Одвоен блок за судска медицина
● Факултет за медицински науки
● Сместувачки блок за студенти – студентски дом
● Спортски терени за студентите
● Хотел за посетители на болни, односно хотел за магистранди, докторанди и специјализанти
● Паркинзи и катни гаражи
● Автобуски терминал
● Железнички терминал
● Болнички парк со големи водени површини, при што преку филтер-станица се искористени дел од каналите за наводнување, функционално и декоративно зеленило, како и други содржини и мали архитектонски форми
● Градби за потребите на инфраструктурата
● Ограда на комплексот со инфраструктура за контрола и одржување
● И можност за иден развој на центарот, односно зголемување на неговиот капацитет – суштина во планирањето
За секоја од овие точки може опширно да се зборува, но собрано во една реченица просторот нуди можност за изградба на најсовремен Универзитетски клинички центар со содржини за врвна здравствена дејност и нејзин развој.

skupi1
Сето ова плански поставено во композиција којашто ќе изгради амбиент со естетски вредности, со исклучително внимание за квалитетот на животната средина, просторниот амбиент и особено заштитата на културното наследство (допир со границата на заштитеното подрачје на археолошките остатоци од Скупи).
Изборот на оваа локација го прави НУКЦ конкурентен и надвор од државата со просторен капацитет за давање врвни услуги, а со тоа и самофинансирање како дел од неговата одржливост.
Изборот и квалитетот на оваа локација за потребите на новиот Универзитетски клинички центар се потврдени и дообработени во новиот Генерален урбанистички план на Скопје 2012 – 2022 година како и во Урбанистичкиот план за четврт ССЗ 01. Значи Советот на Град Скопје, оној во 2002 и оној во 2012 година, без забелешки (мој впечаток со благонаклоност) го донесе ГУП на Скопје, а со тоа и ја утврдија локацијата за НУКЦ. Не знам од кои причини советниците на Општина Карпош сè уште не го донеле ДУП за НУКЦ, а можноста да го донесат е отворена. Со донесувањето на ДУП за НУКЦ ќе се отворат законските порти да може да се реализира ваков исклучително потребен здравствен комплекс, не само од аспект на врвната професионална здравствена фела, туку уште повеќе од аспект на граѓаните, како потенцијални пациенти.

Не требаше да се има дилема – каде да се гради комплексот на новиот Универзитетски клинички центар. Изборот на локацијата неколку месеци ја брануваше јавноста и професионалната фела. Сметам дека бранување немаше да има доколку оние што се надлежни да одлучуваат (извршната власт) се придржуваа одлуките да ги носат почитувајќи ги и спроведувајќи ги законите и подзаконските акти коишто ги носат оние од законодавната власт, во овој случај советниците на Градот Скопје, бидејќи урбанистичките планови претставуваат подзаконски акти. Со новиот ГУП на Скопје со важност од 2012 до 2022 година локацијата за сегашниот Универзитетски клинички центар е пренаменета за градби од комерцијален карактер или алтернативна намена за јавни установи (може и здравствени установи, но не за нов Универзитетски клинички центар, бидејќи со истиот план е утврдена негова нова локација).

Грешките во урбанизмот не се поправаат
Корисно би било проектирањето на новиот Универзитетски клинички центар на новата локација да се одвива во корелација со урбанистите од Агенцијата за планирање на просторот, изработувачи на нацртот на ДУП за НУКЦ, за да не се направат грешки, бидејќи грешките во урбанизмот, генерално, не можат да се поправат.

Мирко Андовски-Валаичарски, архитект и урбанист
*(Авторот е поранешен раководител на Одделението за урбанизам во Агенцијата за планирање на просторот (1998-2015 и раководител на ДУП за новиот Универзитетски клинички центар, како и раководител на работниот тим за изработка на новиот ГУП на Скопје 2012-2022 година, а сега во пензија)

Испрати коментар

Scroll To Top