Агенцијата за катастар на недвижности преку Регистарот за цени и закупнини на недвижности до крајот на септември 2015 година впишала 5.329 трансакции, од кои 3.362 се продажба на недвижности и 1.967 се закупи.
Според информациите на Катастарот, Скопје со регистрирани 882 продажби и 874 закупи предничи во функционирањето на домашниот пазар на недвижности.
Во делот на електронскиот катастар, институцијата лани примила 1.189.967 предмети, од кои само 0,2 отсто останале нерешени. Во сегментот на легализација на бесправно изградените објекти, катастарот до крајот на 2015 година решил 139.070 случаи и изготвил 4.501 бесплатен геодетски елаборат за легализација.
Агенцијата за катастар на недвижности лани успеала да впише, евидентира и предбележи 1.498 инфраструктурни објекти, што е предуслов за целосно оформување на подземниот катастар во македонските градови.