Насловна / Вести / Недозволиво е да се трошат средства за незаконска надлежност

Недозволиво е да се трошат средства за незаконска надлежност

За време на последните локални избори во нашава држава, кандидатите за градоначалници на поголемите градови скоро без исклучок во своите програми на граѓаните им презентираа меѓу другото дека ќе градат и финансираат изведба на термоизолациони фасади на колективни станбени згради. Тие нивните идеи и заложби заради лов на гласови ги презентираа во директен контакт со граѓаните, на трибини, дебати и митинзи. Притоа, никој не кажа од кои пари ќе се финансираат новите фасади  и дали воопшто тоа е во надлежност на локалните власти.

3_resize

ИЗМИСЛЕНА НАДЛЕЖНОСТ НА ГРАДОНАЧАЛНИЦИТЕ

Ако се погледне Законот за локална самоуправа во член 22, листата на надлежности е следна: урбанистичко планирање, заштита на животната средина и природата, комунални дејности, култура и културни дејности, спорт и рекреација, социјална заштита и заштита на деца, образование, здравствена заштита, заштита и спасување и противпожарна заштита.

Javen povik - Subvencii na fasadi

Очигледно е  дека  изведбата на  термоизолациони фасади на станбените колективни згради не спаѓа во ниедна од претходно наброените надлежности, но упорно се повикува на енергетска ефикасност, која кај нас почнува и завршува со лепење стиропор на фасади. Се работи исклучиво за беспотребно самопреземена обврска на локалните власти со која ги оптоваруваат буџетите на општините. Но не само тоа, градоначалниците со оваа измислена надлежност ги ставаат во подредена положба станарите кои живеат во згради кои нема да се реновираат и граѓаните кои имаат индивидуални куќи за живеење. Слободно може да се констатира дека ваквите градежни активности водат кон дискриминација, корупција, неправичност, нерамноправност или нееднаква положба на граѓаните во општините.

Ако се анализираат досегашните изведени термоизолациони фасади, ќе дојдеме до заклучок дека: се трошат милионски суми на пари од сите граѓани, а бенефит имаат само одреден број на жители на општините и секакo градоначалниците кои за ваквите градби се наградуваат со гласови.

Izvedba so diskriminacija 01_resize

ЈАВНИОТ ИНТЕРЕС МОРА ДА БИДЕ ПРИМАРЕН ВО ОДНОС НА ПРИВАТНИОТ

Недозволиво е да се трошат средства за незаконска надлежност. Потребно е сите овие средства, за реализирање на термички фасади да се користат за други видови на градби, согласно законските надлежности на локалната власт. На општините им се потребни изведби на содржини, од кои корист ќе имаат сите жители. Јавниот интерес мора да биде примарен во однос на приватниот интерес. Во градовите и во руралните средини недостасуваат градинки, училишта, театри библиотеки, културни и образовни центри, музеи, пензионерски домови, објекти за деца со посебни потреби, објекти за ранливите категории, изложбени салони, објекти за спорт и рекреација…

Потребни се нови водоводи, канализациони мрежи, колектори, гасификација, централно греење за сите јавни и приватни објекти, нови паркови, противпожарни центри и центри за заштита и спасување, центри за рециклирање…  Години наназад многу мал број на објекти се реализирани од погоренаведените, а исто така  ги немаше во изборните програми.

1_resize

САМОВОЛИЕ КОГА СЕ ТРОШАТ НАРОДНИ ПАРИ

Градоначалниците исто така покажуваат самоволие кога трошат народни пари за разни видови на поправки и сервиси, изведба и поправка на кровови, замена на лифтови во колективните станбени згради. Со ваквите активности повторно се привилегирани само одредени мали групи на граѓани, наспроти повеќето жители на општината. Впрочем ова се надлежности и обврски на станбените управители, односно заедници на сопственици (куќните совети), а трошоците треба да ги плаќаат сите станари.

Со ваквиот клиентелистички  пристап и начин на работа градоначалниците ја зголемуваат вредноста на имотот на привилегираните граѓани, а наспроти нив повеќето жители не добиваат ништо, освен чувството дека се дискриминирани. А во меѓувреме сите станови се приватни, општествени речиси и да нема или ако ги има се многу малку. Па се поставува прашањето, зошто градоначалниците се толку добродушни и им помагаат само на некои граѓани?                                                  Мора да се внимава и со предложените градби за паркинзи и разни видови на гаражи, кои е  можно да создаваат и проблеми. Имено со изградбата на вакви градби се стимулира возењето автомобили, а тоа пак предизвикува загадување на воздухот, особено на локациите каде што се лоцираат истите. Ретко која општина може самостојно да финансира изградба на гаражи, но може со осмислена организација да се изнајдат потребните паркинг-места. Првенствено треба да се обезбеди жителите кои имаат сопствени гаражи и паркинг-места да си ги користат истите, а не возилата да ги паркираат и оставаат каде што ќе стигнат, или да ги узурпираат паркинзите на соседните згради.

Izvedba so diskriminacija 03_resize

Доколку се градат нови гаражи, истите да се финансираат од реалниот стопански сектор, а да се лоцираат вон централните градски подрачја, за да може секој центар на градот да биде наменет исклучиво само за пешаците. Граѓаните секогаш треба да бидат на прво место. Катни гаражи  и паркинзи да, но надвор од центарот на градовите. На овој начин локациите од централниот дел на градовите да бидат наменети исклучиво за пешаци и велосипедисти, а тоа би резултирало со намалување на емисиите од  гасовите и буката предизвикана од  интензивниот сообраќај.

Izvedba so diskriminacija 04_resize

СЕ НАРУШУВА КВАЛИТЕТОТ НА ЖИВЕЕЊЕ ВО ПОСТОЈНИТЕ ЗГРАДИ

Посебно треба да се истакне и ненаменското трошење на финансиските средства кои општините ги добиваат од наплатените комуналии од граѓаните за купениот квадрат станбена површина. Имено, наместо средствата да се употребат во инфраструктурата за новите објекти за што се наменети, истите се употребуваат за активности по желба на градоначалниците, кои не се во надлежност на локалната самоуправа. Од оваа причина  редовно се случува новите објекти да се приклучуваат на постојните стари канализациони и водоводни мрежи што не се димензионирани за зголемен проток, при што доаѓа до разни дефекти – запушување на канализациите, намалување на притисокот на водата, а посебна приказна е узурпацијата на паркинг-местата од постојните стари згради, од страна на станарите од новите згради. Затоа што при добивање Одобрение за градење неопходно е да се исполни пропишаниот стандард за паркинг-места, а купувачите на новите станови не се обврзани да ги купат истите. Со ова, градоначалниците, наместо да го зголемуваат квалитетот на живеењето во просторот на општината, тие го нарушуваат функционирањето и квалитетот на живеење на постојните жители во постојните згради.

Се надевам дека овие укажувања ќе допрат до градоначалниците и локалните власти и секогаш  при носењето на  програмите за работа, урбанизацијата и градбите и во целокупното работење, во преден план ќе им биде јавниот интерес. Ставање станбени згради на секоја педа слободен простор, е злостор, промашување и дискриминација, со трајни непоправливи последици по севкупното битисување на жителите на локалната самоуправа.

Автор: Косто ГРАОРКОСКИ, дипл. инж. арх.

2_resize

Испрати коментар

Scroll To Top