Светскиот ден на животната средина (5 јуни) ќе биде одбележан и во Охрид. По тој повод општина Охрид оваа недела ја прогласи за „Недела на животната средина“ во која ќе бидат реализирани повеќе активности, информира OhridNews.
Меѓу другото, ќе се реализира традиционалниот проект на одделението за заштита на животната средин „Цветни балкони – цветен Охрид“ во рамки на кој ќе бидат поделени 500 жардиниери со саксиско цвеќе на жителите што живеат на улиците: „Железничка“, „Прилепска“, „Винковачка“, „Будва“ и „Кленоец“.
Акцијата ќе се реализира на 6 и 7 јуни (вторник и среда).
Граѓаните од гореспоменатите улици што се заинтересирани за жардиниери со цвеќе, ќе можат да ги подигнат во расадникот на ЈП Комуналец на 6 и 7 јуни (вторник и среда) од 9 до 13 часот, а со себе да носат документи за лична идентификација на кои ќе биде видлива адресата на живеење.
Исто така, ќе се реализира акција за собирање на стара хартија во соработка со основните и средните училишта од Охрид.
Акцијата за собирање на стара хартија наменски се организира на крајот од школската година за да можат учениците да ги донесат сите непотребни списанија, тетратки и друга хартија во дворот на нивното училиште каде ќе бидат поставени соодветни садови за собирање на хартијата. Во акцијата ќе можат да се вклучат сите граѓани и институции од Охрид , кои исто така својата отпадна хартија можат да ја донесат до, за нив, најблиското училиште.
Целта на организирањето на „Неделата на животната средина“ е што повеќе да се укаже на проблемите од областа на екологијата и да се влијае на подигањето на јавната свест на граѓаните за заштита на животната средина.