Новиот проект на архитектонското биро Crossboundaries со седиште во Пекинг, наречен „Nanshan Sky Park“, се фокусирал на адаптација на претходно неискористениот простор во градот Шенжен во Кина.
Имено, архитектите успеале да го трансформираат кровот на метро станица и објекти за одржување во јавен парк и рекреативен простор долг 1,2 километри, каде што може да се ужива во разновиден спектар на спортски објекти на отворено, пишува Designboom.
Огромен потенцијал на издолжен кров
„Бевме соочени со многу вонредни околности. Во Кина, инфраструктурата и областите поврзани со сообраќајот обично припаѓаат на Владата и воопшто не се наменети за јавна употреба. Сепак, овој издолжен кров имаше огромен потенцијал да се трансформира во употреблив парк, достапен за пошироката јавност и во исто време да ја збогати урбаната средина во која се наоѓа“, велат од Crossboundaries.
Како начин просторот да се врати на соседството, паркот се поврзува со зградите на западната страна преку низа „небесни мостови“, со што им овозможува на студентите, учениците и спортските ентузијасти да стапнат на платформите што за нив се наменети.
За граѓаните, учениците и професионалците
„Нашиот линеарен парк е како дел од сложувалката што недостасуваше во комуникацијата на квартот. Ја создава неопходната физичка и визуелна врска помеѓу урбаното ткиво и морскиот брег, а патем има за цел да ја задоволи растечката потреба на училиштата и на јавноста за рекреативни простори во густо населена урбана средина“, додаваат од Crossboundaries.
Просторната организација на паркот е воспоставена за три различни групи корисници – пошироката јавност, соседните училишта и професионалните спортисти.
„Небесниот парк“ е исполнет со спортски терени, од кошаркарски до оние за мал фудбал, како и тениски терен за професионален натпревар со трибини за публика.
Пешачки патеки се пробиваат низ целиот парк, со повремено издигнати делови кои овозможуваат подобар поглед на околината.
Оние кои едноставно сакаат да уживаат во лесната прошетка можат да го направат тоа без да поминуваат низ активни зони со терени.
Сите влезови и приоди кон паркот се наоѓаат во непосредна близина на различни функционални зони. Вертикалните врски прават северните и јужните краеви директно да се поврзани со приземјето, со што ја повикуваат пошироката јавност да стапне на кровот.
Образовните институции имаат директен бочен пристап до паркот преку мостови, а постојат и дополнителни пристапи преку лифтови и скали.