Легендарниот фудбалер Диего Марадона, кој го привлече светското внимание со своите чудесни вештини на теренот, но и со неговите контроверзни лудории надвор од него, веројатно е исто толку или дури и повеќе почитуван во Неапол отколку во неговата родна Аргентина.
Уште повеќе, овој италијанскиот град е дом на дури четири големи мурали на станбени кули во работничките квартови во спомен на фудбалерот кој го предводеше локалниот клуб Наполи до две шампионски титули во Серија А во 1987 и 1990 година.
Меѓутоа, сега е најавено дека еден од овие мурали ќе треба да се урне заедно со зградата на која стои, како и објектот покрај неа. Станува збор за муралот кој е насликан од уличниот уметник Jorit и се смета за најголемиот портрет во светот на Диего Марадона, кој почина во 2020 година.
Бог во човечки облик
Изградени како сместување за итни случаи по разорниот земјотрес во Ирпинија во 1980 година, два соседни блока згради ќе бидат урнати во февруари, со што сите 360 домови ќе бидат срамнети со земја како дел од големиот проект за обнова во областа.
Двете згради се украсени со големи мурали на бочните страни без прозорци – едната ја прикажува фудбалската ѕвезда во средни години над зборовите Dios Umano (Бог во човечки облик), а другата момче по име Николо, насликано за да се подигне свеста за аутизмот.
Муралите се изработени во 2017. и 2018. година и се наоѓаат во Via Taverna di Fero, свртени кон кружниот тек кој го носи името на Диего Армандо Марадона. Областа е локално позната како „Бронкс“ поради нередот и криминалот, и е дел од населбата San Giovanni a Teduccio.
„Очигледно ми е жал, но да не заборавиме дека целта на работата e да се привлече вниманието нa Бронкс“, коментира неаполскиот уличен уметник Jorit кога слушна за плановите на локалната власт да ги урне зградите.
Како што дознава TheMayor.eu, се зборувало и за изградба на вертикални конструкции заедно со нова станбена зграда за да може да се реконструираат муралите, но засега официјална одлука за тоа нема.
Според весникот La Republica, првите уривања се закажани за 2. февруари и ќе се однесуваат на 84 гаражи, со што официјално започнува општинскиот мегапроект вреден 106 милиони евра, во кој ќе учествуваат и 360 семејства кои ќе се вселат во новите згради по изградбата што започнува во април.