Тим корејски научници во списанието „Natura“ објавија дека произвеле соларна ќелија со ефикасност 18,4%, а која содржи материјал перовскајт (perovskite). Тие истакнуваат дека го пронашле оптималниот микс за постигнување на максимална ефикасност на соларната ќелија, а ова откритие би можело во целост да ја промени соларната индустрија.
Да потсетиме, во почетокот на минатата година истражувачите од Универзитетот во Валенсија (University of Valencia, Spain) во соработка со истражувачите од Политехничката федерална школа во Лозана (École Polytechnique Fédérale de Lausanne, Switzerland) го објавија своето истражување во научното списание (Nature Photonics) токму во врска со користење на материјалот перовскајт наместо силициумски соларни ќелии. Добиената соларна ќелија се состои од тенок слој на перовскајт, кој се наоѓа помеѓу две многу тенки органски проводници. Дебелината на ваквите соларни ќелии изнесува помеѓу еден и половина микрометар, додека класичната силициумска соларна ќелија е со дебелина од 180 микрометри.
Материјалот перовскајт, кој е пронајден уште во 19 век, се одликува со висока апсорпција на светлината. Овој материјал е многу евтин, што му дава предност во однос на силициумските соларни ќелии, а тоа е една од причините за интересот од страна на истражувачите. Со неговото користење значително би се намалила цената на соларните ќелии, односно за околу 80%.
Меѓутоа, еден од главните проблеми во врска со перовскајтот е токсичноста на тој материјал, бидејќи таквите соларни ќелии содржат олово кое е многу токсично за околината. Иронијата е поголема поради фактот што се работи за обновлив извор на енергија. Очигледно е дека овој проблем мора да се отстрани пред да се започне со евентуално масовно производство.