Замислете живот во град полн со диви оази. Се чини невозможно, но само од наша перспектива. Данците, големи борци за зачувување на природата, органското производство и одржливиот развој, дефинитивно имаат одлични идеи, и што е најважно – државата го поддржува секој добар проект.
На Данска и треба повеќе простор за развој на дивата природа, се наведува во соопштението на Министерството за животна средина и храна. Од таа причина, општините низ целата земја се охрабруваат да учествуваат на натпреварот „Дивиот свет на Данска“, кој трае до 2022 година.
Натпреварот ќе донесе корист на данската природа и биодиверзитетот. Веќе, некои општини – како една на Јиланд – дозволија тревата да расте непречено, дозволувајќи им на дрвјата и другите растенија да цветаат. Како резултат на тоа, општината Јеринг бележи зголемување на дивите пеперутки и пчели, кои се загрозени видови низ целиот свет. Ние сме среде еколошка криза. Биодиверзитетот опаѓа низ целиот свет – илјадници растенија исчезнуваат, а животинските видови изумираат.
Постои потреба да му се даде повеќе простор на дивиот свет, изјави Леа Вермелин, министерка за заштита на животната средина во Данска. Проектот предвидува дури 98 општини да бидат вклучени во големата акција. Нема правила, што значи дека општините можат слободно да го најдат најиновативниот начин да ја направат својата област „дива“.
Победникот ќе биде прогласен до крајот на 2022 година, а одлуката ќе ја донесе тричлено жири: министерката Леа Вермелин, ТВ презентерот Франк Ериксен и биологот Мортен Хансен. Победникот ќе биде објавен врз основа на следниве критериуми: најдобра идеја, посветеност, област на дивата природа и колку општината ги информира своите граѓани за природата и биодиверзитетот.
Данците сложно и без двоумење веќе со децении постигнаат големи успеси во борбата за зачувување на природата. Дека напорите на населението и државата се исплаќаат, покажуваат силната еколошка освестеност и конкретни резултати на сите полиња, од животот на поединецот, до локалните заедници, одговорни корпорации, индустрии, стопанство. Од друга страна, придобивките од вакви и слични проекти се неизмерни, не само за нас кои го споделуваме ова време на живот на планетата Земја, туку и за генерациите што доаѓаат, чии животи зависат од тоа што ќе им оставиме.