НаТочак поврорно ќе возат Критична маса по улиците на Скопје и велат:
„Во среда, на 23 февруари, велосипедистите во Скопје ќе ја возат 89-тата Критична маса по улиците на Скопје во знак на протест против пасивниот однос на локалната власт за преземање мерки за унапредување на очајната безбедност на улиците во главниот град.
Пред повеќе од дваесет дена, НаТочак испрати барање до сите градоначалници во Скопје, како и до градоначалничката на главниот град, да споделат информација за тоа што планираат да преземат за подобрување на безбедноста во сообраќајот, потсетувајќи дека најголемите промени кои би имале најголем ефект лежат токму во нивни раце и се во рамки на нивната надлежност. Барањето следуваше после низата на трагични сообраќајни судири кои резултираа со неколку човечки жртви во само еден месец! Пешачките премини, местата кои теоретски се за предност на пешаците, станаа симбол на повреди и смрт! Притоа, иницијативата предложи донесување на конкретни мерки со кои може веднаш да се делува, а се однесуваат на намалување на брзината на моторниот сообраќај, преку подобрувања на дизајнот на сообраќајната инфрастуктура или ограничување на брзината со прогласување на Зона 30. Ниту една општина не даде одговор дали планира и на кој начин да превенира сообраќајни судири и да ги стави како приоритет животите на жителите и безбедното движење пред брзото и неконтролирано возење.
Скопје живее во епидемија на сообраќајно насилство! Нештата се многу превртени и потребна е вистинска политичка визија за промена, а не нови жртви! НаТочак прашува: КОЛКУ ЖРТВИ СЕ ДОВОЛНО?! Уште колку жртви треба да видиме на улиците и пешачките премини за локалната власт да се освести дека потребни се ИТНИ мерки и дека не постои ништо поважно од човечкиот живот, а најмалку тоа е брзината на возење автомобил. Концептот „Визија Нула“ подразбира дека дури и само една жртва во сообраќај е премногу и треба да вклучи аларм, а оние држави во Европа кои се стремат кон него покажаа дека нула жртви во сообраќај е возможен и реален концепт.
Секој тип на сообраќаен удар со тешки последици треба да го пали алармот на МВР да се посвети на тие прекршоци кои носат последици и да се насочи кон сторителите, не жртвите. Продолжувањето на оваа епидемија на тешки судири треба да го запали алармот и кај Обвинителстово и Судовите. Несериозното третирање на убиствата во сообраќајот праќа многу лоша порака и стимулира непочитување на правилата. Законот за безбедност постои за да спречи убиства во сообраќајот. Непочитувањето на правилата при управување со 2-тонско возило може да доведе до убиство и така треба да се третира, не како обичен прекршок. Работите мора да почнат да се менуваат!
Кога е во прашање безбедноста во сообраќајот, особено на пешаците и велосипедистите како најранливи групи, НаТочак нема да престане со барања и притисок врз одговорните институции, сѐ додека не се видат на дело конкретни промени. Затоа, во среда, со почеток во 17.30 часот од Плоштад Македонија, велосипедистите ги повикуваат сите одговорни граѓани да се придружат на заедничко возење по скопските улици и заедно да кажат дека жртвите во сообраќајот веќе одамна се – премногу“.