НаТочак во понеделникот испрати допис до Град Скопје и сите општини во Скопје дека токму тие како локална власт имаат речиси полна одговорност и одлучувачка моќ во превенирање на сообраќајни судири и создавање безбедност на улиците во градот кој го пренесуваме во целост: „Истовремено, како иницијатива, но и како граѓани, побаравме од истите да споделат информација на кој начин планираат да го адресираат овој проблем во најкус можен рок, преку донесување на конкретни мерки, за кои иницијативата НаТочак алармира од почетокот на своето постоење, континуирано веќе 10 години.
Јануари 2022 ќе биде запеметен како црн месец во кој во неколку трагични сообраќајни судири на булеварите згаснаа неколку човечки животи и други жртви останаа со трауми кои ќе ги носат цел живот и ја разбрануваа свеста, но и гневот на јавноста за небезбедно дизајнираните улици и сообраќајни решенија во кои на најголем удар се изложени токму најранливите учесници, пешаците и велосипедистите, кои во пракса, би требало да бидат најзаштитени. Општините мораат да преземат одговорност за ваквите случувања и во рамки на нивните големи надлежности да донесат итни мерки во превенирање на идни сообраќајни судири, но и да се фокусираат на долгорочни системски решенија во насока на трајно решавање на безбедноста на пешаците и велосипедистите.
Имено, општините и Градот Скопје самостојно во рамки на законите, ги уредуваат и вршат работите од јавен интерес од локално значење. Безбедноста во сообраќајот, заштита на животната средина, намалување на бучавата, превентивни активности за унапредување на здравјето се она што е јавен интерес и што треба да е видливо во сите урбанистички планови, сообраќајни проекти, инспекциски активности, кои се во надлежност на општините. За жал, безбедноста како цел досега не е доволно третирана во тие документи и активности, за да ги стави животите и безбедноста на граѓаните како приоритет. Затоа, НаТочак побара информација кој начин општините планираат да преземат мерки за да ја подобрат безбедноста на СИТЕ учесници во сообраќајот, со акцент на пешаците и велосипедистите и дали нивните заложби ги опфаќаат следниве мерки:
– Ослободување, уредување и проширување на тротоари и воведување пешачки зони – правото на слободно движење треба да биде гарантирано на сите. Но нефункционални и узурпирани тротоари доведуваат до принудно движење на ранливите учесници во сообраќајот по коловоз што ја загрозува безбедноста на сите;
– Воведување велосипедски патеки/ленти – не само добивање простор за велосипедски сообраќај, туку и смирување на брзините на возилата, скратени премини преку коловоз за пешаците итн., докажано влијае на безбедноста на сите, не само на велосипедистите
– Воведување на Зона 30, Зона 20 и физичко смирување на сообраќајот преку стеснување на ленти за автомобили, подигнати пешачки премини, шикани-искривувања на коловозот, микро-кружни текови и слично.
Спротивно на популарното мислење дека едукацијата е врвот во превентивата, истражувањата покажуваат дека состојбата на терен е најдобрата превентива. Иако теоријата (едукацијата) кажува дека пешаците имаат предност, кога општините ги третираат пешаците за најмалку важни при планирањето на улиците, тоа се рефлектира и во перцепцијата и третманот и на возачите и со тоа безбедносниот систем е нарушен. Состојбата и дизајнот на нашите улици праќа многу поголема порака од било какво убаво срочено правило и за жал, изминатиов месец тоа беше видливо на дело повеќе од кога било. По пример на најразвиените земји, безбедноста на учесниците во сообраќајот треба да биде секогаш фокус на дизајнот на улиците и подобрувањето на уличната околина, а не да ја зема брзината или бесплатното бесправно паркирање во фокус.
НаТочак смета дека мора да се случат радикални промени бидејќи испратени се премногу предупредувања платени со човечки животи. Иницијативата бара увид и учество со конструктивна критика во плановите за подобрување на сообраќајната безбедност и информира дека остро ќе го критикува секој обид за автоцентрична реконструкција или проширување на сообраќајница, но исто така и пасивниот однос на општините доколку не ја искористат нивната моќ и задржат статус кво околу ова болно прашање.
Иницијативата истовремено ги повикува сите граѓани кои сакаат да придонесат кон подобрување на нивната безбедност, да испратат лично дописи до нивните општини, градоначалниците и советниците, да споделат критични точки каде сметаат дека безбедноста е нарушена и самите да побараат од избраниците конкретни, видливи заложби во поставување на човечките животи како приоритет и гарантирање на нивната безбедност.
Примери за мерки за успорување сообраќај во прилог. Би биле благодарни доколку оваа информација ја проследите во Вашиот ценет медиум и придонесете кон тоа Скопје да биде побезбеден град за сите“.