Познато е дека Холандија е една од земјите која предничи во однос на популарноста и користењето на електричните автомобили. Токму затоа, воопшто не изненадува фактот што во оваа земја е одржан еден од најголемите собири на електрични автомобили на светот.
Иако претставниците од Гинисовата книга на рекорди допрва треба да потврдат дали овој настан е официјално најголемо собирање на електрични автомобили на едно место, организаторите веќе соопштија дека на парадата одржана на автопатот од Хелмонд до Ајндховен учествувале 746 електрични автомобили и други возила на електричен погон.
Меѓу автомобилите најзастапени биле моделите Tesla, Nissan Leaf, и Renault Zoe, но во значаен број биле и моделите BMW i3, како и повеќе модели на Volkswagen. Должината на колоната достигнала 3,6 километри. Претходното рекордно собирање на електрични возила било одржано во Берлин во мај 2015 година, а учествувале 577 електрични возила.