Откако градот Астана е прогласен за главен град на Република Казахстан во 1997 година наместо дотогашниот град Алмати на крајниот југ, во областите на пространите степи во северниот дел на земјата се одвива интензивна изградба на модерни урбани населби по текот на реката Ишим.
Во сега веќе 20-годишниот период како престолнина, централноазискиот економски лидер со постојана изградба на секаков вид градежни објекти се развива во модерен град на 21 век. Во овој период бројот на жителите во градот се доближува до милион, се формираат реони со станбени населби, се градат булевари и мостови со интересни форми, трговски и бизнис-центри со современа организација и изглед, театри и опери, спортски покриени објекти наменети за фудбал, хокеј, велосипедизам, тенис…
Земјата и градот кои се во постојан економски развој добија можност и чест да се промовираат и покажат како достоинствени организатори на настан од светско ниво со добивање на правата да бидат домаќини на Меѓународната изложба ЕКСПО 2017.
Саемот на светско ниво ЕКСПО 2017 е специјализирана меѓународна изложба на тема: „Енергија на иднината“.
По прогласувањето во Париз во 2011 година од страна на BIA (Bureau international des expositions) дека градот Астана е домаќин на Меѓународната изложба 2017, почнале подготовките за организација на таков настан. На конкурсот за архитектонско решение победи фирмата „Adrian Smith + Gordon Gill Architecture“ од Чикаго во конкуренција од над 100 пријавени проекти.
Учество во изградба на објектите, со оглед на обемот и големината, земаа многу домашни и странски компании. Така на простор поголем од 170 хектари е изграден комплекс објекти каде што е одржана големата Меѓународна изложба ЕКСПО 2017.
Објектите предвидени за изложбени штандови, поставки и придружни содржини главно се изградени од челични и алуминиумски конструкции. Тоа што ќе остане запамтено од градежната сфера е дека во моментот на отворање на изложбата главниот централен објект во изложбениот комплекс беше најголемиот објект во светот во форма на топка. Градбата од 8 ката во облик на топка е со димензии 80 m ширина и 100 m висина.
На армирано-бетонски фундамент импозантната челична конструкција е опкружена со стаклени плочи со специјална структура.
Авторот на овој текст, инаку долгогодишен претставник на компанијата АДИНГ АД Скопје во Казахстан, имаше привилегија во неколку наврати да направи обиколка на комплексот во текот на неговата тригодишна изградба.
Со увид во материјалите кои се користени во текот на градбата во областа хидроизолација, противпожарна заштита на челичната носива конструкција, завршна обработка на подовите, употреба на адитиви во бетонот и слично, може да се констатира дека производната програма на македонската компанија АДИНГ е во чекор со современите светски трендови во областа хемиски производи за градежништво.
Саемот ЕКСПО 2017 се одржуваше од 10 јуни до 10 септември 2017 година. На изложбениот простор се претставија над 100 земји од целиот свет. Во тој период од 3 месеци евидентирани се над 4,5 милиони посетители од земјата и од светот.
На штандовите на земјите учеснички имаше тематски приказ на тема: „Енергија на иднината“. Со експонати, модели и видеоприкази беа претставени досегашните достигнувања и напори да се пронајдат нови ефикасни извори на енергија кои би можеле да ги заменат актуелните и општо прифатените извори базирани на ресурсите на нафта и гас. Во овие настојувања посебен акцент се става на обновливите извори на енергија, односно на изворите кои немаат ограничени резерви во природата. Со оглед на тоа што со оваа тематика многумина во светот се занимаваат веќе подолго време, беше интересно да се видат досегашните достигнувања и планови за усовршување на новите технологии поврзани со силата на ветерот, водата и сончевата енергија. Сè што беше презентирано на Меѓународната изложба беше пропратено со аудио-визуелни ефекти коишто исто така на свој начин ги покажаа и достигнувањата во компјутерската технологија без граници.
На задоволство на сите учесници и посетители уште еднаш во најдобро светло се докажа традиционалната гостопримливост на Казахстанците и нивната способност да дадат максимум во организацијата на ваков голем настан.
Автор: Слободан МИНИЌ, дипл.инж.град. (Специјално за Порта3 од Казахстан)