Во Националната галерија на Македонија, објект Чифте амам, на 28 октомври (вторник), во 20 часот, ќе биде отворена самостојната изложба на Исмет Рамиќевиќ под наслов „Насока“.
Во поглед на континуитетот во творештвото, може да констатираме дека во најновото дело „Насока“, Исмет Рамиќевиќ останува доследен на дефинираните принципи во неговото творештво. На ниво на естетика, авторот ја продолжува наклонетоста кон вертикалните форми трансформирани во симплифицирани цилиндрични облици, кои провејуваат во целото негово творештво. Од технички аспект, како наследство од користењето скулпторски материјали, авторот настојува да ги искористи до максимум сите можности на синтетичките материјали и конечниот визуелен ефект што се постигнува со секој од нив, но не инсистира на трајноста на објектите, туку на едноставноста на индустриската форма.
Овој повеќеслоен проект силно навлегува во повеќе сфери на ангажираноста (социјална, политичка, еколошка) со повеќе конструирани целости, визуелно издиференцирани и изведени во различни синтетички/индустриски материјали (стиропор, најлон, полиестер, бетон…) што од своја страна ја отсликуваат комплексноста на идејата која (повторно) говори за незапирливото дехуманизирање на човекот. Проектот „Насока“ на Исмет Рамиќевиќ, во крајна линија, е многу лична критика на современиот апатичен, па дури песимистичен и крајно дефетистички однос на човекот кон социјалните/политички/еколошки теми и можните насоки на нашето дејствување, потенцирајќи ја притоа човековата немоќ да се справи со глобално дадените состојби.