Наследството на Светлана Кана Радевиќ ќе биде прикажано на Биеналето во Венција во рамки на целината наречена „Collateral events”.
На 17-тата меѓународна изложба на архитектурата, обемното изградено дело на југословенскиот архитект Светлана Кана Радевиќ (1937-2000) ќе биде изложено од 22 мај до 21 ноември во Palazzo Palumbo Fossati. Изложбата „Светлана Кана Радевиќ – повоената архитектура помеѓу центарот и периферијата“(Skirting the Centre: Svetlana Kana Radević on the Periphery of Postwar Architecture), курирана од Дијана Вучиниќ и Ана Катс, има за цел да го истакне делото на архитектот и да ја прошири нејзината застапеност, пишува ArchDaily.
хотел „Подгорица“
Во организација на Институтот АПСС, непрофитна организација за архитектура и дизајнерско размислување основана во Црна Гора, изложбата за првпат го прикажува изграденото дело на Радевиќ, прикажувајќи оригинални цртежи, фотографии и преписки од личната архива на архитектот. Кураторките Дијана Вучиниќ и Ана Катс за ArchDaily велат: „Изложбата подвлекува архитектонска фигура во општествените регистри. Исклучителна, но занемарена фигура на повоена архитектура и една од најистакнатите архитекти во социјалистичка Југославија, Светлана Кана Радевиќ (1937-2000), која студирала и работела и под водство на Луис Кан и Кишо Курокава, проектирала антифашистички споменици, хотели, и станбени објекти“.
хотел „Подгорица“
Светлана Кана Радевиќ родена 1937. година на Цетиње, дипломирала на Архитектонскиот факултет во Белград, а апсолвирала и Историја на уметност, студирајќи ги истовремено двата факултета. Магистрирала на Универзитетот во Пенсилванија во класа на Луис Кан, како добитничка на Фулбрајтова стипендија. Стручно се усовршувала во Париз, Москва, и во Јапонија, во ателјето на Кишо Курокава.
„Прославена со нејзината вешта синтеза на локални материјали и меѓународни тенденции, како и дарежливост на пропорциите и неформалните простори за одмор и дружење“, нејзиното изградено дело се состои од хотелот „Подгорица“ (1964-1967) изграден додека работела на нејзината магистратура во студиото на Кан и хотелот „Златибор“ во Ужице (1979-1981); станбената зграда Петровац (1967); како и Споменикот на паднатите борци на Барутана, Подгорица (1980), скулпторски меморијален пејзаж во спомен на загинатите борци против фашизмот.
хотел „Златибор“ во Ужице
Споменикот на паднатите борци на Барутана, Подгорица
На регионално ниво, пофалена е за „преговарање меѓу народните градителски традиции и глобалните тенденции на доцниот модернизам“, додека на национално ниво, Радевиќ проектирала прославени градски простори. Покрај тоа, на меѓународната сцена, таа артикулирала децентрирана, постколонијална оска со која црногорскиот архитект истовремено и беспрекорно работел меѓу Филаделфија, Токио и Подгорица. Таа останува единствената жена и со 29 години, најмладиот архитект кој некогаш ја добил престижната награда за архитектура „Борба“, најголемата архитектонска чест на социјалистичка Југославија, која ја добила во 1969 година.
„Радевиќ ги срушила хиерархиите кои ги привилегираат космополитските центри над провинциските периферии, лоцирајќи ја нејзината лична пракса во Црна Гора. Сепак, нејзината архитектура била наднационална, истовремено систематиризајќи ги народните традиции на градење и нејзиното студирање и работното искуство во светот. Поставувајќи ја како централна историската личност и геополитичкиот контекст кој долго време се наоѓаше на периферните рабови на нормативната историја на оваа архитектура, оваа изложба ја обновува нејзината препознатлива улога како преговарач за просторниот договор – меѓу државата и граѓаните, помеѓу центарот и периферијата – како студија во овозможување на социјалниот консензус и културната размена на современите практичари“, велат Дијана Вучиниќ и Ана Катс за ArchDaily.
Биеналето во Венеција оваа година се одржува на тема „Како ќе живееме заедно?“. Повеќе информации за изложбата можете да видите на www.kanaradevic.me.