Пред две години, со низа настани и програми во светот, Европа, но и во Хрватска, беше одбележана стогодишнината од основањето на познатата уметничка школа Баухаус. Институцијата е основана во 1919 година од Валтер Гропиус, и сè до нејзиното официјално затворање во 1933 година во улога на предавачи продефилирале низа големи имиња од областа на архитектурата и ликовната и применетата уметност. Темелен на идеите за холистичка врска помеѓу уметноста, дизајнот и архитектурата, Баухаус внесе радикални промени во поимањето на улогата на уметноста и дизајнот во секојдневниот живот, но исто така и во образовната методологија.
Речиси1.300 студенти ја посетувале Баухаус програмата во текот на 14-те години постоење на школата, а школата имала интернационален карактер од самиот почеток; дел од предавачите доаѓале од земји како Франција, Холандија, Швајцарија, Унгарија, Русија или САД. Историјата на оваа прочуена уметничка школа е тема на новиот наслов од серијата стрипови посветени на уметниците од 20 век, која беше лансиран од загребскиот Музеј на современа уметност како дел од уметничкиот проект „ Runaway art“ пред неколку години. Публикацијата СО наслов „Духот на Баухаус“ е потпишана од дизајнерката, илустраторка и писателка Класја Хабјан, која во својот стрип ги вклучила и своите студенти од Хрватска.
„Работата на оваа книга-стрип ме радуваше и во последните две години се чувствував малку како да сум и самата таму, водена од духот на школата кој, како што и доликува на фиктивен лик, ги прескокнува сите закони на просторот и времето “, вели авторката.
„Духот на Баухаус не елесно четиво, не се чита брзо, не служи само за забава. Наместо тоа, бара и привлекува внимание, бара чувствителен читател, ве бараа да му се вратите, повторно да го откриете, да талкате, да се задржите на некое место, па потоа повторно да се вратите. Уште зад самиот наслов на книгата, Класја Хабјан ни сокрила една двосмисленост на која ја гради повеќедимензионалноста на приказната која ќе следи во следните седумдесет страници.
Духот на Баухаус за неа е, од една страна, огромното влијание на оваа школа и движење врз уметноста, дизајнот, архитектурата и секојдневниот живот на генерациите кои ќе следат, но од друга страна во наративот на Класја е и буквален лик, дух кој лебди над приказната, набљудува, сведочи, сочувствува. Едниот слој од оваа книга ги носи сите основни факти, историјата на школата, најважните принципи, идеи, методи и слично, додека во другиот се вклучува фикцијата на авторката, оплеменета со смисол за игра и загатка, сонување, евоцирајќи скици од школата и околу нејзе во кои се преплетуваат вистинити сведоштва и имагинација, а при тоа не сте сигурни што од тоа во кој момент го читате. Страниците во книгата час се формирани како чист стрип, на други места тие повеќе личат на сликовница, на трети инфографика, на четврти учебник и сè тече непречено, смислено и вистинито. Духот на Баухаус во Класја Хабјан нашол добар другар, а Класја веројатно клучната мисла која најдобро го опишува духот на оваа книга, според зборовите на Оти Бергер, дека задачата на Баухаус пред се била од уметникот повтрно да го создаде човекот“, напишал Марко Голуб во текстот објавен на задниот дел од публикацијата.
Уредници на книгата се Јасна Јакшиќ и Весна Местриќ. Стрипот „Духот на Баухаус“, може да се набави во продавницата на Музејот на современа уметност во Загреб.