Çanakkale 1915, новиот висечки мост во Дарданелите, наскоро ќе биде отворен за сообраќај и ќе ги поврзува Европа и Азија, потврдија турските власти. Мостот кој го градеше компанијата Limak Holding е целосно завршен, а свеченото пуштање во сообраќај е закажано за 18 – ти март 2022 година.
Во почетокот на градбата се проценувало дека мостот ќе чини 2,8 милијарди долари, но трошоците се повисоки за околу 300 милиони долари, поради зголемувањето на цените и проблеми во синџирот на добавувачи поради пандемијата. Мостот е долг 4,6 километри и има најдолг среден распон на светот кој изнесува 2.023 метри, а воедно станува збор за најдолг висечки мост на светот, кој претставува важна врска помеѓу Европа и Азија.
Изградбата започна во март 2017 година, како дел од проектот Vision 2023, кој има за цел зголемување на турските патни, железнички и поморски сообраќајни капацитети. Елементите на мостот се проектирани како артилериски гранати во чест на познатата битка на Галиполе во Првата светска војна, а нејзиниот рекорден среден распон не е случајна бројка, туку е со намера да се поклопи со 100 годишнината од основањето на Република Турција во 1923 година, јубилеј кој ќе се прослави во 2023 година.