Ретроспективна изложба насловена „Маљевич: револуционерноста на руската уметност“ со вкупно 300 дела ќе биде поставена во лондонската галерија „Тејт модерн“ на 16 јули. Оваа изложба на Казимир Маљевич, еден од најважните уметници на 20 век, ќе биде прва во последните триесет години во Велика Британија. Поставката донесува дела собрани од разни страни на светот, но најмногу од приватните и јавни колекции во Русија, Европа и во Америка.
Меѓу останатите дела ќе биде поставен и „Црниот квадрат“, славното дело од 1915 година, со кое почнува историјата на ликовниот и визуелен правец наречен супрематизам.
Славниот „Црн квадрат на бела заднина“ првпат бил изложен во 1915 година на последната футуристичка изложба, по што настапува супрематизмот – укинување на секој природен, предметен и историски аспект на уметничкото дело и укинување на предметот како сликарска основа. Подоцна ја насликал сликата „Бел квадрат на бело“, што ја претставува крајната цел на супрематизмот – „апсолутна беспредметност“.
Вредноста на неговите дела почнала да достигнува астрономски суми по неговата смрт. „Супрематистичка композиција“ е продадена во 2008 година на аукција во Њујорк за 60 милиони долари, со што стана најскапото дело на руски уметник продадено на аукција.