Американската вселенска агенција НАСА најави две нови мисии на Венера, под името „Да Винчи+“ и „Веритас“, што ќе биде прва посета на нашата сестринска планета после 30 години. Во рамките на најавената мисија „Да Винчи+“ ќе се анализира Венерината атмосфера, а „Веритас“ ќе ја мапира нејзината површина. Двете мисии ќе стартуваат во периодот од 2028 до 2030 година. Целта е да се утврди зошто Венера денес изгледа како пекол, иако некогаш била многу слична на Земјата, со океани и слична клима. Вселенскиот орбитер „Да Винчи+“, кој ќе се сости од вселенско летало и сонди, ќе го мери составот на густата и врела атмосфера на Венера, што би им помогнало на научниците да утврдат како настанала. „Веритас“, орбитирајќи околу Венера, ќе креира 3D реконструкција на нејзината топографија и ќе потврди дали процесите како поместување на тектонски плочи и вулкански ерупции, се сеуште активни. Со проектот ќе управува Jet Propulsion Laboratory во јужна Калифорнија. Венера, е слична по структура на Земјата (терестријална планета), но е многу потопла. Над негостољубивата површина, се наоѓа густа и токсична атмосфера составена во најголем дел од јаглерод диоксид, и облаци од сулфурна киселина. Температурите изнесуваат 880 степени Целзиусови.
Последната американска мисија на Венера, леталото „Магелан“, стигнало до Венера во 1990 година. После четири години кружење и снимање, леталото се спуштило на површината за да собере дополнителни податоци, а потоа се истопило. Истата судбина ја очекува и сондата „Да Винчи +“ која ќе биде спуштена на површината. Во текот на слетувањето, би требало да собере и испрати податоци за составот на Венерината атмосфера, и да направи фотографии со висока резолуција. Доколку успее и „го преживее“ слетувањето, се очекува да започне да се топи за околу дваесетина минути.