Висок претставник на американската вселенска агенција NASA, изјавил за медиумите дека САД планира да тестира мотор на вселенски брод на нуклеарен погон до 2027 година, што е напредок кој се смета за клучен за долги мисии, вклучувајќи и испраќање на луѓе на Марс. NASA ќе се здружи со Агенцијата за развој на напредни одбранбени технологии (DARPA) при американската војска, со цел да развие термонуклеарен погонски мотор. Проектот е наречен DRACO (Demonstration Rocket for Agile Cislunar Operations). Со помош на оваа нова технологија, од NASA уверуваат дека астронаутите би можеле да патуваат во длабоката вселена побрзо од било кога.
Оваа објава доаѓа во екот на новата нуклеарна вселенска трка помеѓу САД, Русија и Кина, во која трите сили работат на проширување на нуклеарните способности во вселената. Термонуклеарниот ракетен мотор користи реактор на принципот на фисија, при што така добиените екстремно високи температури овозможуваат загревање на течното погонско гориво. Притоа, ефикасноста е најмалку три пати повисока во споредба со конвенционалната хемиска пропулзија. Тоа значи дека вселенскиот брод кој користи нуклеарна фисија може да патува многу побрзо и со помал ризик за астронаутите. Во своите вселеснки истражувања, САД долго време употребуваше енергија генерирана од радиоактивни амтеријали, користејќи ја топлината генерирана при нивното распаѓање. Но, оваа земја нема користено нуклеарна фисија на своите вселенски летала. Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), долго ја нагласува термонуклеатната пропулзија како клучна за понатамошни освојувања нa вселената. Согласно договорот помеѓу NASA и DARPA, Директоратот на NASA за вселенската технологија ќе го води процесот на технички развој на термонуклеарниот мотор, кој на крајот ќе биде интегриран со експериментално летало направено од страна на војската. Агенцијата додава дека САД последен пат тестирал термонуклеарен мотор во 70-тите години од минатиот век.