Падот на нарачките на ветерни турбини во третиот квартал од 36% во однос на истиот период лани, е дел од опаѓачкиот тренд на нарачки за ветерни турбини во земјите од Европската унија. Во првиот квартал од 2021 година, нарачките имале вкупна моќност од 2,8 GW и оттогаш се намалуваат. Асоцијацијата за енергија од ветерот WindEurope, во новиот извештај истакнува дека нарачките за ветерни турбини во третиот квартал на 2022 година достигнале вкупна моќност од 2 GW.
Нарачките стигнувале од девет европски земји и сите се однесувале за ветерни електрани на копно. највеќе нови капацитети во овој период нарачала Финска, а следуваат Шведска и Норвешка. Вкупните нарачки на ветерни турбини во Европа во текот на оваа година се 7,7 GW, што е далеку од она што и е потребно на Европа за да ги постигне своите енергетски и климатски цели, велат од WindEurope.
Инфлаторните притисоци врз трошоците, бавното издавање на дозволи и неизвесноста околу итните интервенции на ЕУ на пазарот со електрична енергија, ги успоруваат нарачките за нови ветерни турбини. Според идеалното сценарио и климатските политики, во ЕУ до 2030 година би требало да бидат инсталирани 510 GW капациитет во енергија од ветерот. Но, според моменталните показатели, ЕУ е далеку од оставрување на таа цел. Шефовите на држави и влади на ЕУ, неодамна на состанокот ан Европскиот совет и официјално побарале од Европската комисија да го забрза поедноставувањето на процедурите за издавање дозволи за инсталирање на нови ветерни паркови.