Поради пожарот кој вчера избувна во просториите на Архитектонски факултет, се известуваат сите заинтересирани дека предавањето на гостите архитекти од Норвешка – проф. Маријане Шулхауг и проф. Луис Калјехас, закажано за денес (10 ноември) во амфитеатарот на Архитектонскиот факултет, ќе се одржи во просториите на Музејот на современата уметност во Скопје. Времето на одржување на предавањето останува исто – во 18 и 30 часот.
Организатор на овој настан е Архитектонскиот факултет при УКИМ во соработка со Музејот на современа уметност – Скопје.
Исто така, на 11 ноември во Музејот на современа уметност со почеток во 20 часот, ќе се одржи второто предавање на архитектите Луис Калјехас и Маријане Шулхауг.
Предавањата претставуваат дисциплински спој помеѓу архитектурата, пејзажот и урбанизамот, и истите имаат за цел да го обединат искуството на праксата и академија.
Во својата работа архитектот Луис Калјехас користи техники превземени од визуелните уметности со кои ја премостува граница помеѓу архитектурата, пејсажот и урбанизмот. Во периодот од 2011-2016та година Калјехас е дел од наставниот кадар при архитектонската школа на Харвард (GSD – Harvard University Graduate School of design), додека во моментов е вонреден професор на водечката архитектонската школа од Осло во Норвешка (АHO – The Oslo School of Architecture and Design). Неговото биро активно работи на различни проекти во областа на архитектурата и урбанизмот за што во 2010 година ја добива престижната награда од фондацијата Јаков Черњихов од Москва како едно од десетте најдобри нови архитектонски бироа. Акватичкиот центар изграден за потребите на 11те Јужно-американски спортски игри како и реконструкцијата на „Ел Кампин“ главниот стадион во Колумбија се дел од успешно завршените реализации на неговото биро. Во 2013 година Луис Калјехас е добитник на еминентната наградата „Тhe Architectural League of New York Prize for Young Architects“, а во 2016та година е финалист на Ролекс програмата за менторирање на нови имиња во архитектурата која се води во соработка со познатиот архитект Сер Дејвид Чиперфилд.
Маријане Шулхауг е раководител на катедрата за урбанизам и пејзажна архитектура при државната школа за архитектура од Осло (АHO – The Oslo School of Architecture and Design). Нејзината дејност се фокусира на размерот на просторното планирање на градовите, односно ги истражува „пери-урбаните“ состојби на овие урбани територии. Во својата кариера, Шулхауг работи како архитект и има големо искуство во областа на урбаанизмот и урбаниот дизајн, работејќи во институтот за просторно планирање во Берген, Норвешка како и бироата Asplan Viak и Norconsult. Во периодот од 2007 до 2012 година, Шулхауг е ректор на архитектонската школа во Берген, а редовно по покана како гостин-професор и испитувач учествува во работата на елитните архитектонски школи како GSD Harvard, Ecole Spéciale d’Architecture, AA –London, Chalmers, KTH и други.