Насловна / Архитектура / Највисокиот облакодер во Јапонија: Круна на новиот урбан кварт во Токио (ВИДЕО)

Највисокиот облакодер во Јапонија: Круна на новиот урбан кварт во Токио (ВИДЕО)

Американската архитектонска фирма Pelli Clarke & Partners ја заврши изградбата на највисокиот облакодер во Јапонија на крајот на март, кој се издигнува на височина од 330 метри во централната зона на новата динамична област Азабудаи Хилс како нова фокусна точка во панорамата на Токио.

2

Имено, во соработка со водечкиот јапонски изведувач Mori Buildings, архитектите од државата Конектикат проектираа урбанистички план и архитектонска визија за локацијата од 8,1 хектари, со фокус на изградбата на три високи кули, вклучувајќи ја и оваа, наречена Mori JP Tower.

1

Симбол на перспектива ориентирана кон иднината

Планиран како современ урбан кварт, Азабудаи Хилс интегрира станбени, комерцијални и хотелски простори во своите три високи згради, како и зелени површини, уметнички простори, кулинарски објекти, образовни институции, продавници и културни центри.

3

Се очекува декаовој развој ќе привлече речиси 30 милиони посетители годишно, симболизирајќи ја перспективата на иднината која се фокусира на урбаната ревитализација на Токио.

Горните 11 ката на облакодерот Mori JP Tower се организирани како Aman Residences Tokyo, под капата на хотелската компанија Аман и ќе содржат 91 луксузна станбена единица.

4

Деловниот простор ќе зафаќа 204.000 квадратни метри и ќе се простира на 45 ката, чија внатрешност е поставена без употреба на столбови, додека како поддршка на образовните центри, кампусот на осум ката ќе биде домаќин на 700 странски студенти.

Покрај оваа, највисоката кула, и две дополнителни кули со мешовита намена исто така доминираат во околниот пејзаж.

5

Кулата „Residence A“ се издига на 53 ката, содржи 32 станбени единици и луксузниот хотел на Аман со 122 соби. Кулата „ Residence В“ има 64 ката и нуди дури 970 станбени единици.

Во базата на секоја кула е организирано „модерно урбано село“ моделирано во хармонија со локалната геологија и делуваат како фокусни точки со автохтони растенија и водени зони, пишува ArchDaily.

6

Пристапност и поврзаност во целата населбата

Азабудаи Хилс има за цел да го спои урбаното живеење со природните аспекти, со одржување на посветеноста на зачувување на животната средина и благосостојбата на заедницата.

На ниво на партер организирани се различни парковски простори, продавници, пазари, пешачки патеки и јавни простори, кои промовираат пристапност и поврзување во целата населба.

7

Имено, една третина од населбата е покриена со зелени површини кои вклучуваат и голема ливада која служи за организирање на разни социјални настани, а која содржи над 320 различни растителни видови, а тука е и урбан овоштарник.

Комплексот во Токио има идеја да биде модел на одржливост и како дел од неговата посветеност на глобалниот проект RE100. Така, на пример, преку ексклузивниот Energy Web System, станарите можат да следат од каде доаѓа енергијата што ја користат, што гарантира транспарентност.

8

Целата населба е опремена со систем за собирање дождовница, која понатаму се користи за наводнување. Всушност, уредите за заштеда на вода помагаат да се постигне 40% намалување на потрошувачката на вода во споредба со LEED нормата, а отпадните води од становите исто така се третираат и рециклираат на лице место.

За да се обезбеди конструктивна безбедност за време на земјотреси во Јапонија, Азабудаи Хилс има интегрирани карактеристики кои реагираат на сеизмичката активност во сите три згради.

Населбата доби прелиминарна Platinum LEED сертификација, а дополнително, Mori JP Tower е на добар пат да стане првиот облакодер во светот кој добил акредитација за WELL, LEED ND и LEED BD+C сертификати.

Испрати коментар

Scroll To Top