Голем број мажи продолжуваат да уринираат по највисоката светска катедрала во Улм, Германија. Уринирањето продолжува и покрај воведените забрани, со што се доведува во опасност самиот објект, предупредуваат градските власти.
Проблемот со мажите кои ги мрзи да најдат тоалет па наместо тоа уринираат по катедралата не е нов, но ситуацијата излегува од контрола бидејќи киселините и солите од урината ги нагризуваат ѕидовите на катедралата.
Штетата што се предизвикува ја поништува реставрацијата на историскиот објект, а неодамнешните потези со кои казната за уринирање е зголемена од 50 на 100 евра не се покажале како успешни. Напротив, иако уринирањето продолжува, досега не е напишана ниедна казна.
„Го набљудувам сето ова веќе година и пол, и гледам дека е прекриена со урина“, вели Михаел Хилберт, претседател на агенцијата Минстербау која е задолжена за зачувување на катедралата висока 161 метар.
Проблемот, според Хилберт, е тоа што во близина на црквата се одржуваат премногу фестивали чии организатори не обезбедуваат доволен број тоалети.