Во продолжение на серијалот посветен на најубавите напуштени места во светот, ви го претставуваме луксузниот Хотел де Салто.
Водопадите Теквендама (Salto de Tequendama) претставуваат главна туристичка атракција во Колумбија и се наоѓаат на 30 километри југозападно од Богота.
Илјадниците туристи кои доаѓаат на ова место за да се воодушевуваат од овие 157 метри високи водопади и околната природа, задолжително ја посетуваат и атракцијата наречена Хотел де Салто.
Овој луксузен хотел е отворен во 1928 година за да ги прими богатите гости кои доаѓале да го посетат подрачјето на водопадите. Сместен на спротивната страна, на самиот раб на карпата, на гостите им овозможувал поглед од кој ќе им застане здивот.
За жал, со текот на годините ова место се нашло на долгата листа на места кои се уништени под влијанието на времето. Хотелот конечно е затворен во почетокот на деведесеттите години и од тогаш е напуштен, а фактот што многу луѓе го одбрале токму ова место за да извршат самоубиство, придонесува во мислењето дека ова место е проколнато.