Биро Studio Saxe со канцеларии во Сан Хозе, Лондон и Лос Анџелес е проектант на куќата Raintree House, современа оаза во Костарика. Проѕирна и со сонце облеаната куќа проектирана е за клиенти кои бараат одржлив начин на живот, давајќи приоритет на благосостојбата и поврзаноста со природниот контекст. Како што велат: „Сакавме дом во кој ќе се чувствуваме како отсекогаш да бил тука, прегрнат со балдахин, танцувајќи со џунглата“.
Според тоа, архитектурата е обликувана од визијата за интеграција со џунглата. Секое постоечко стебло на лице место е зачувано, означувајќи ги границите на куќата и врамувајќи ги погледите на океанот и зајдисонцето. Архитектите настојувале да приредат низа контемплативни моменти и да ја усогласат природната грубост на локацијата со удобноста на современа куќа.
Studio Saxe ја проектирале Raintree House како истражување на чистината на врвот на еден рид. Опишувајќи го односот на архитектурата со локацијата, тимот напоменува: „Поставивме цврсти темели и акробатска конструкција за да може остатокот од куќата да лебди над џунглата без дополнително попирање“.
Главните дневни простории како и главната спална соба сместени се на вториот кат, каде што поинтензивно се доживува џунглата, а исто така и каде океанот и зајдисонцето се доловени преку прецизно врамени погледи. Скалите и циркулацијата што не се ниту надвор ниту внатре, ги поттикнуваат жителите секогаш да бидат поврзани со природата додека се вртат околу куќата.
Studio Saxe го проектирале и ентериерот. Овој интегриран работен процес овозможил соработка, прецизен избор на материјали на секое ниво. Палетата вклучува палено дрво, тиковина, рачно изработени плочки, плетени светилки – сето тоа заедно ги внесува локалните занает во целиот дизајн. Архитектите го проектирале домот имајќи ја предвид одржливоста.
Бирото ги разработило одржливите стратегии користени во проектот: „Биоклиматските принципи го водеа проектот на куќата. Многу голем кровен „чадор“ се протега мошне драматично и го опфаќа целиот простор за живеење, создавајќи екосистем помеѓу структурата и џунглата. Во вакво тропско опкружување, проектите треба да се прилагодат на силните дождови за време на зелената сезона и интензивната топлина за време на сушната сезона. Водата се собира и се рециклира за наводнување и повторна употреба.
Во меѓувреме, соларните панели генерираат дел од енергијата на куќата, а материјалите се груби за да го издржат тропското опкружување без постојано одржување. Се на се, древните и локалните техники се комбинираат со технологијата за да се создаде одржлив дизајн кој е вкоренет и во минатото и свртен кон иднината“.