Куќа на кафе, фантастичен спој на модерното и традиционалното, инспириран е од важна симболика и значењето на кафето во регионот на Бразил во кој се наоѓа. Со својот концепт и дизајн поканува на релаксација и долги разговори со овој омилен пијалок, поврзувајќи ги луѓето со природата, историјата и културното наследство.
Во срцето на руралниот предел на државата Minas Gerais во Бразил, се наоѓа Café House – дом исполнет со дух на архитектура што го осликува контекстот и културата на околината. Овој објект не е само простор за живеење, туку и симбол на покана за опуштени и долги разговори со кафе.
Проектот Caffee House, за пар љубители на кафе кои имаат сопствено мало производство на ова растение, го изработило бразилското архитектонско биро Tetro Arquitetura, внесувајќи ја својата творечка поетика.
Архитектонската креација на овој дом произлегла од разбирањето на местото, културата и луѓето кои ќе го населат. Прашањето кое се наметнало на проектантите било: Како да се создадат дизајнерски концепти, кои на субјективен начин, ќе ги претстават карактеристиките на кафето и неговото значење во животот на идните станари?
Симболиката на кафето како инспирација за дизајн
За да ги пронајдат одговорите, авторите побарале инспирација во самото кафе. Квалитетот на овој пијалок е длабоко поврзан со карактеристиките на земјата и климата во која се одгледува. Исто така, кафето е познато по својот карактеристичен мирис, што го прави еден од пијалоците кои најмногу асоцираат на воздух. Така, два клучни елементи заживеале во архитектонскиот концепт: дебели обоени бетонски бочни ѕидови кои асоцираат на земја и два тенки, бели и закривени бетонски панели кои „лебдат“ над куќата и симболизираат воздух. Како два тенки листови хартија што се потпираат на ѕидовите, изгледаат како да растат од тлото.
Програмата на куќата е поделена во два блока што се наоѓаат под закривените панели: заеднички и интимен простор. За да се олесни движењето помеѓу овие два блока, направен е ходник помеѓу двата земјени ѕида. Овој простор служи како подготовка за премин помеѓу две различни атмосфери во куќата.
Со слушање на потребите на станарите и подлабоко читање на местото, куќата се развила како одговор на околината. Ѕидовите од земја овозможуваат прекрасен поглед кон околината, теренот останува недопрен, а топографијата непроменета. Дрвјата не се исечени, туку сега создаваат нови врски со изградените волумени. Куќата е плански сместена во оригиналните димензии на парцелата, а меѓу нив е развиена скалеста градина.
Проектирањето на овој објект имало за цел да покаже како архитектурата, преку поетски јазик, може да воспостави врски меѓу станарите и куќата, создавајќи симболи кои потсетуваат на културата на местото или луѓето кои ќе го населуваат.
Спој на модерно и традиционално што ги поврзува човекот и природата во удобно опкружување
Café House претставува спој на модерно и традиционално, носејќи го во себе духот на регионот Cerrado и пренесувајќи го на нејзините станари. Во неа се отсликува љубовта кон кафето, кое во овој дел од светот е повеќе од обичен пијалок – тоа е покана за живот и разговор, симбол на дружење и културно наследство.
Ентериерот на куќата е простран, тесно поврзана со природата што го опкружува. Модерен мебел, пастелни бои и многу светлина создаваат пријатна, опуштена атмосфера која го поддржува концептот на смирувачки разговор со кафе.
Големите стаклени ѕидови пружаат фантастичен поглед на околината и ја прават границата помеѓу внатрешноста и надворешноста практично невидлива.
Во својот единствен дизајн, Café House создава мост помеѓу минатото и иднината, спојуваајќи ги животните навики и интересите на жителите со духот на местото во кое се наоѓа. Нејзината архитектура не само што ја раскажува приказната за кафето, туку и за луѓето кои живеат во неа, претставувајќи еден вид ода на љубавта кон овој пијалок и културата која е нераскинлив дел од регионалното наследство.