Постојат многу куќи изградени во пустина. Ако пребарате на Интернет, ќе наидете на стотина примери. Притоа, секоја е специфична на свој начин и нуди карактеристики со кои се издвојува од другите. Но, ако наидете на една која е потпишана од Кендрик Бенгс Келог (Kendrick Bangs Kellogg), тогаш застанете за момент и видете какво чудо дизајнирал овој човек.
Станува збор за уникатен дизајн на овој модерен и иновативен архитект, кој е преточен во вистинска пустинска куќа која се наоѓа во националниот парк „Дрвото Џошуа“ (Joshua tree) во Калифорнија во САД. Не само што е уникатна или претставник на чудните градби, таа амбиентално буквално се стопува со околината и има таква линија која одговара на пустинскиот карактер на локацијата.
Нејзиниот примарен дизајн наликува на искршена школка, еден вид на карпести сводови и кровни елементи, па добивате впечаток дека куќата всушност е направена меѓу карпи кои природно се обликувани, а дополнително со човечки труд се направени сите други аспекти од овој објект. Некои велат дека наликува на ребра кои се издлабени во карпа. Како и да е, таа е стопроцентно вклопена во целото опкружување.
Оваа пустинска куќа е градена пет години. Конструкцијата почнала во 1988, а била завршена според оригиналниот дизајн на Келог во 1993 година. Први сопственици биле уметниците Беверли и Џеј Дулитл кои се вљубиле во природата, па го ангажирале Келог да им направи дизајн за нивниот нов дом. Во моментов куќата е на продажба за скромни три милиони долари!
Но, освен што вреди за парите, и по оригиналниот дизајн, куќата ќе ве воодушеви и ако влезете во неа. Се што постои како класична соба со намена за спална, кујна или дневен престој е комбинација на природата со имагинацијата. Така на пример, кујната е одлично разиграна и е неконвенционална во форма, но вклопена и во поглед на користениот материјал, но и на боите.
Дневниот престој наликува на дизајн од научната фантастика каде доминира голем ТВ екран зад кој се наоѓа фонтана која користи природен дотек на вода од дождовите, а спалната соба е приказна по себе. Се што се обидуваме да ви раскажеме со зборови паѓа во вода само со едноставно фрлање поглед на фотографиите од пустинската куќа.