Само еден метар под авенијата Андраши, која е под заштита на УНЕСКО, минуваат жолти возови, кои и натаму возат кон станицата Октогон. Иако лондонската подземна железница е отворена уште во 1863 година, Будимпешта е сопственик на првата електрична подземна железница на подрачјето на Европа. И после 100 години, секојдневно ја користат изјадници жители и туристи. Токму најстарата жолта линија (М1)е истовремено и музеј посветен на златното време на подземната железница во кој можат да се видат старите жолти и портокалови вагони на оригиналните шини. Уште тогаш се знаело дека оваа пруга брзо морала да ги задоволи потребите на растечкиот град, па користејќи ги напредните градежни техники отворена е во рок од само 21 месеци.
“Линијата два (М2) има исто така интересна историја. Постои таен бункер скриен недалеку од метро станицата Кошут“ вели еден од работниците во музејот. Помеѓу станиците Кошут и Деак Ференц, тајниот тунел е пренасочен во објектот F-4 односно бункер од 3.500 квадратни метри, за кој се верува дека е изграден во текот на педесетите години во страв од можен нуклеарен напад. Во него може да се сместат 2.200 луѓе, а постои диретна патека од унгарскиот парламент. Неговото постоење е познато во јавноста дури во деведесеттите. Додека мнозинството жители на Будимпешта, ги перцепира четирите метро линии само како едноставен начин за јавен транспорт, малкумина знаат дека унгарскиот култен филм Kontroll од 2003 година е снимен на сината линија (М3), која е отворена во седумдесеттите години и се протега во должина од 16km под Пешта. Црвената мермерна скулптура од осумдесетите под името “Раѓање на градот“ која се наоѓа во станицата Калвин, е подарок во чест на експанзијата на градот. Најинтересен дел е мачката која се наоѓа во долниот десен агол, за која се верува дека носи среќа ако ја погалите по опашката.
Конечно,за најмладата метро линија во Будимпешта, M4 односно зелената линија, се чекало цели 40 години. Кога изградбата конечно почнала во 2004 година, унгарските архитекти сакале да го прикажат модерниот дух на градот. Таа визија може да се забележи во големите галерии, бетонските столбови, акцентираноста на боите и поплавата од светлина. Линијата е завршена и пуштена во сообраќај дури во 2014 година, по многу спорови и коруптивни скандали. Иако биле потребни 10 години за изградба, денес таа претставува бастион на модерната унгарска архитектура. Општо земено пак, метрото во унгарската престолнина означува една временска капсула, која покажува дека Будимпешта е постојано во движење.