Ова ќе биде еден од оние проекти кои значително ќе ја поместат скалата во однос на изградбата на спортски објекти… ако навистина вака се изведе.
Неом во Саудиска Арабија веќе неколку пати не изненади со своите екстравагантни решенија, особено проектот за линиски град The Line, кој ќе се протега на значително намалена должина од првично најавената, сега на 2,4 километри. Меѓутоа, сега со своите решенија одат и чекор понатаму… поточно чекор повисоко.
Имено, на покривот на еден од сегментите на мегаструктурата The Line планирано е да се гради, ни помалку ни повеќе, туку фудбалски стадион, и тоа на висина од 350 метри над терен.
Овој проект е откриен како дел од официјалната апликација на Саудиска Арабија за Светското првенство во фудбал во 2034 година и како еден од 15-те стадиони кои ќе бидат домаќини на натпреварите на овој шампионат.
Засега има малку детали за овој проект, а не се знае ни кој е автор на проектот. Она што е познато е дека стадионот се планира да биде составен дел од првиот сегмент на градот The Line, кој моментално е во изградба и дека ќе има 46.000 места за гледачи.
„Стадионот ‘Неом’ ќе биде најуникатниот стадион во светот. Со терен сместен на височина од 350 метри над земја, неверојатни погледи и кров што ќе го сочинува самиот град, стадионот ќе овозможи искуство кое досега не е видено“, се вели во официјалната апликација.
Овој дел од градот The Line ќе се вика Hidden Marina, а покрај стадионот ќе има и марина со големо пристаниште. Заедно со стадионот предвидени се и неколку придружни објекти, како навивачки плоштади, терени за вежбање, пет хотели…
Почетокот на изградбата на стадионот е планиран за 2027 година, додека работите се очекува да завршат во 2034 година. Меѓу другите стадиони на кои ќе се одржуваат натпреварите се стадионот во Ријад со 92.000 седишта и стадионот во Кидија покрај карпа, и двата проектирани од архитектонската фирма Populous.
Контроверзи околу проектот Неом
Неом е еден од 14. мега проекти кои моментално се во развој или се во план за развој во Саудиска Арабија како дел од планот Saudi Vision 2030.
Проектот досега беше критикуван за кршење на човековите права, при што организацијата за човекови права ALQST известила дека тројца мажи биле осудени на смрт откако биле „насилно иселени“ од локацијата на Неом.
Советот за човекови права на ОН подоцна изрази „загриженост“ за споменатите егзекуции, за потоа Саудиска Арабија да негира во ОН дека се случиле споменатите настани.