Уште еден неофицијален поглед од дрон на градилиштето на новата административна зграда на „Епл“.
Фотографот Данкан Синфилд користејќи дрон DJI Inspire 1 направи одлични снимки од воздух на импресивното градилиште на новото седиште на софтверската компанија „Епл“ вредно пет милијарди долари.
Објектот, кој повеќе личи на вселенски брод отколку на зграда, се простира на 280.000 метри квадратни, а дури кога се опфати од дистанца може да се видат размерите на оваа мега-структура.
Објектот на четири ката ќе изгледа како крофна, а тој е толку голем што за него ќе бидат потребни седум километри прозорци. Колку е овој објект голем зборува фактот што целата зграда на Пентагон би можел да биде сместена во неговиот внатрешен двор, пишува Inhabitat.
Објектот ќе биде целосно енергетски независен, односно, ќе се напојува од обновлива енергија, за што се задолжени дури 70.000 квадратни метри соларни панели на покривот.
Проектот на седиштето на „Епл“ го потпишува бирото Fosters + Partners. Во зградата ќе работат 13.000 луѓе.