Кеукенхоф е најпознат парк на лалиња во светот во кој растат преку седум милиони цветови и ретки хибриди.
Сместен е речиси на самиот брег, помеѓу Амстердам и Хаг во малото градче Лесе. Завзема површина од 32 хектара и се прелива во сите замисливи и незамисливи бои. Целата убавина на амбиентот ја дополнуваат старите, многувековни стебла, живописните канали, водопади и фонтани.
Паркот е основан во 1949. година и набрзо станал цветен рај на Холандија и омилено место за уживање на кралското семејство, но и странците.
Нераскинливо е поврзан со името на грофицата Ван Бајден. Во 15 век тука се наоѓал нејзиниот имот на кој одгледувала зачински растенија за дворската кујна.
Инаку, лалињата стигнале во Холандија од Отоманското царство во тек на 16 век. Подоцна во 1857. година во Холандија е донесено решение за надгледување на трговијата со цвеќе. Почнале наменски да се одгледуваат не само лалиња, туку и нарциси, фрезии, хијацинти и други цвеќиња. Создадени се илјадници цветни орнаменти, кои подоцна послужиле за содавање величенствени паркови, а резаното цвеќе почнало да се извезува.
Паркот Кеукенхоф секоја година одново тематски се уредува, но без оглед на темата, доколку се најдете во овој парк, пред вас ќе биде величествен цветен призор.
Престојот во овој парк претставува вистинско доживување за посетителите на секоја возраст. Ова живописно место отворено е само осум недели годишно, оваа година тоа ќе биде од 21 март до 10 мај, а во тој период го посетуваат околу 800.000 посетители. Без сомнеж Кеукенхоф е најдобро место за уживање во холандските лалиња.