Изминатата година во архитектурата беше исполнета со пресвртници, од завршувањето на највисоката зграда во Африка до отворањето на првиот подводен ресторан во Европа. Исто така, ужасно гледавме како Нотр Дам гори, а светот се здоби и со нови облакодери.
Но, во зората на новата деценија, се чини дека е соодветно да се погледнат структурите што треба да ги обликуваат градовите во 2021 година, со што светот ќе добие нови архитектонски чуда. Веќе ништо не може да нè изненади, но умните глави во светот на модерниот урбан дизајн, сепак постојано наоѓаат начин фантазијата да ја претворат во реалност. Ова се дел од најочекуваните објекти на 2021 година.
„ВАНКУВЕР ХАУС“, Канада (Vancouver House)
Извртувајќи се од триаголна основа до правоаголен врв, „Куќата на Ванкувер“ изгледа дека им пркоси на законите на инженерството кога се гледа оддалеку. Тоа е токму тој вид ексцентричност што може да го очекуваме од Бјарке Ингелс, данскиот архитект кој неодамна изгради скијачка патека на врвот на електраната во Копенхаген. Но, тоа е исто така паметен одговор на разни забрани и регулативи кои ја ограничуваат големината на отпечатокот на кулата во центарот на Ванкувер.
Пикселираната фасада, исто така карактеристична за работата на Ингелс, помага да се создадат длабоко поставени балкони за жителите во кулата која е предвидено да биде висока 151 метри со 49 катови. Објектот е категоризиран како неофутуризам или структурален експресионизам.
Цените за наместен стан во овој облакодер се движат од 2.025 до 6.050 канадски долари. Објектот има вкупно 375 станбени единици, а нивната големина се движи од 374 до 1.649 квадратни метри.
„ПАУЕР ХАУС“, Телемарк, Норвешка (Powerhouse Telemark)
Сместена во историскиот индустриски град Порсгрун во округот Вестфолд и Телемарк, новата зграда со 11 ката означува симболично продолжение на гордата историја на областа бидејќи Телемарк е дом на една од најголемите хидроцентрали на почетокот на 19 век. Powerhouse Telemark укажува на зголемените инвестиции во областа на т.н. „зелена економија“, позиционирајќи го округот како лидер во декарбонизирање со нови градби. Фасадата и покривот на „Powerhouse Telemark“ ќе генерираат 256.000 kW/h енергија секоја година, приближно 20 пати повеќе од годишната употреба на енергија од просечно норвешко домаќинство, а вишокот на енергија ќе се продава назад во енергетската мрежа.
Искривената и малку конусна зграда се одликува со јасно дефиниран засек од 45 ° на фасадата, свртена кон исток, давајќи јасно препознатлив израз што се издвојува во индустрискиот контекст на околниот индустриски парк Хереја. Внатре, зградата има канцелариски простор, заеднички ресторан за персонал, простории за состаноци со пентхаус и тераса на покривот со поглед на фјордот. Две големи скали ги поврзуваат приземјето и горниот кат на зградата, од просторот за прием и сè до ресторанот за персонал и просториите за состаноци. Карактеристично правилно дрвено скалило се појавува на деветтиот кат, визуелно ги врзува вработените во мензата и просторијата за состаноци во пентхаусот и ги води посетителите на терасата на покривот на зградата.
Дизајнот е на домашното, норвешко студио „Снахета“ кое се најде на меѓународните насловни страници минатата година, кога неговиот подводен ресторан – прв во Европа – се отвори во близина на најјужниот врв на Норвешка. Но, дизајнерската фирма се здоби и со репутација на најголем иноватор на „јаглерод-негативни згради“ кои, во текот на нивниот животен век, произведуваат повеќе енергија отколку што трошат.
Објектот има елегантна структура, која е скоро целосно обложена во фотоволтаични ќелии, а дизајнот потсетува на своевиден дијамант што ја максимизира сончевата енергија од која било страна и агол.
„1.000 ДРВЈА“, Шангај, Кина (1.000 Trees)
На британскиот дизајнер Томас Хедервик никогаш не му беше досадно и никогаш не му недостасуваше амбиција. И сега, неговата навидум погрешна визија за урбана планина покриена со дрвја стана реалност.
Развојот на површина од 3,2 милиони квадратни метри сега зафаќа огромен дел од реката во Шангај. Структурните колони се појавуваат од земјата за да се помешаат со растенијата и зеленилото, кое својствено на ова го носи името на проектот, „1.000 дрвја“.
-Ова е повеќе од парче архитектура, ова е, парче топографија – вели самиот Хедервик.
Разделени на две места, покрај уметничката област М50 во градот, 1.000 дрвја ќе сочинуваат два дела или два врва, слични на планини, кои содржат мешавина од малопродажба, канцеларии, ресторани, места за настани и галерии.Колективно, жардиниерите содржат приближно 25 илјади индивидуални растенија и 46 различни растителни видови, вклучувајќи грмушки, трајни растенија, дрвја и ретки алпинистички видови.
Самата топографија на објектот, на дизајнот, прави привид на структурата низ растенијата, еден вид на пикселизирана масовност на планината, па изгледа како планината да е „испресечена со растенија“.
Откако ќе заврши на почетокот на 2021 година, првата планина ќе вклучи десет нивоа на објекти за мешана употреба кои обвиваат неколку големи атриуми што внесуваат природна светлина длабоко во неговото јадро. Овие џиновски празнини ќе се поврзат со голем број тераси на отворено што ја обвиткуваат зградата, што ќе се спушти до новиот јавен парк и пешачка патека што студијата ја развива по должината на изворот Сужоу.
Вториот објект, или т.н. „втора планина“ ќе биде поголема и „програмски поразновидна“ и ќе се поврзе со првата планина преку затворен мост, тунел и приземје.
Втората фаза на развојот, исто така, ќе вклучува повеќе уредување, вклучително и јавен простор покрај реката долг 900 метри и пејзажен парк од 12.000 квадратни метри што ќе вклучува патека за џогирање, градина за скулптури и низа простори за отворени настани.
Студиото Хедервик прв го претстави својот предлог за 1.000 дрвја, нарачан од кинескиот развивач „Тијан Ан Кина“ во 2015 година.
„ГОЛЕМИОТ ГИЗА МУЗЕЈ“, Каиро, Египт (Grand Egyptian Museum)
Големиот египетски музеј познат и како музеј „Гиза“, е археолошки музеј во изградба во Гиза во Египет. Опишан е како најголем археолошки музеј во светот и во него ќе се чуваат артефакти на древен Египет, вклучувајќи ја и комплетната колекција Тутанкамон. Музејот се наоѓа на парцела од околу 480.000 квадратни метри, приближно два километри од пирамидалниот комплекс Гиза и е дел од новиот план за платото Гиза.
Изградбата на музејот требаше да биде готова во првиот квартал од 2020 година, но поради пандемијата КОВИД-19, отворањето на музејот е поместено за оваа 2021 година.
За дизајнот на зградата беше одлучено на архитектонски конкурс објавен на 7 јануари 2002 година. Организаторите примија 1.557 пријави од 82 земји, што го прави втор по големина архитектонски натпревар во историјата. Во втората фаза од натпреварот, 20 учесници доставија дополнителни информации за нивните дизајни. На конкурсот победија архитеза што добија награда од 250.000 долари.
Вкупната проценета цена на проектот првично беше 550 милиони долари, но се искачи на близу 790 милиони, од кои 300 милиони ќе бидат финансирани од јапонски заем.
Објектот е во форма на засечен триаголник. Северните и јужните sидови на зградата се во директна линија со Големата пирамида во Куфу и Пирамидата во Менкауре. Во предниот дел на зградата се наоѓа голем плоштад, исполнет со растенија. Една од главните одлики на музејот е камен ѕид направен од алабастер, што ја сочинува предната фасада на зградата. Внатре во главниот влез има голем атриум, каде што ќе бидат изложени големи статуи.
„АКВАРЕЛА“, Кито, Еквадор (Aquarela)
Повеќе од 10 години по добивањето на наградата Прицкер, таканаречениот Нобел на архитектурата, францускиот архитект Жан Нувел продолжува да зачудува. Меѓу неговите најнови проекти е и „Акварела“, станбен комплекс од 650 единици во населбата Кумбаја, во главниот град на Еквадор, Кито. Во соработка со локалната архитектонска фирма „Урибе и Шварцкопф“, органски дизајнираниот проект ќе има површина од 136.580 квадратни метри.
Иако се составени од неколку засебни деветкатни структури, серија долги балкони се обвиткуваат меѓу нив за да му дадат на проектот монолитен квалитет. Камената обвивка, дрвените ролетни и надворешното зеленило се наменети да ѝ помогнат на зградата да се одрази и да се асимилира во убавата, планинска топографија во регионот, истовремено нудејќи им на жителите опиплива врска со природата.
Сместен во „секторот опкружен со зелени површини и големи плоштади, стратешки лоциран и лесно достапен, во рамките на најдоброто станбено подрачје на долината Кумбаја, „Акварела“ вклучува девет станбени делови обложени со камен. Нувел замислил пристап што може да го имитира контекстот, со закривени балкони кои го обвиткуваат објектот, преполнети со зеленило. Овие карпести градини ги поврзуваат жителите со природното кое е на отворено и ја зајакнуваат интеграцијата на зградата.
Внатрешниот простор се карактеризира со големи стаклени прозорци, високи дрвени ролетни и отворени простори. Во областа на фоајето, зеленилото зафаќа и голем дел од местото, генерирајќи некаков континуитет со природниот тек. На некој начин, објектот потсетува на оној „1.000 дрвја“ во Кина, бидејќи објектот има максимална помешаност (микс) на бетонот со природата и растенијата, оставајќи впечаток на запуштеност, но тоа е далеку од вистината. Ваквата помешаност, го прави незабележителен во природата.
Првата фаза треба да заврши на почетокот на 2021 година, а втората фаза може да заврши на крајот на годината.