Од денеска на Скопскиот саем почна најпосетуваната и најголемата саемска манифестација МЕБЕЛ 2015.
Годинава првпат на 16.000 метри квадратни во 10 хали ќе бидат претставени над 10 илјади парчиња мебел. Околу 400 домашни и странски компании ќе ги претстават најновите трендови на мебел и дизајн.
– На саемот ќе бидат претставени најновите дизајни на мебел за спални соби, дневни, кујни, бањи и работни простории, како и совети за надворешно хортикултурно уредување. Годинава е најголемиот саем што сме го организирале и е опфатен целокупниот капацитет на саемот, – изјави Магдалена Хамбова, проект менаџер од Скопски саем.
За изложувачите традиционално е организиран конкурс за најдобри експонати на саемот по различни категории, а изборот ќе го прави стручна комисија од професори од Факултетот за дизајн и технологија за мебел, Архитектонски факултет, како и претставници на Асоцијацијата на архитекти, Министерство за економија и Кластерот на дрвна индустрија на Македонија.
Организаторите очекуваат МЕБЕЛ 2015 да има околу 50.000 посетители кои ќе имаат шанса да го уредат својот дом, а од изложувачите да си овозможат и големи попусти, но и да станат потенцијален добитник на новата Опел Корса од наградната игра приредена за посетителите.
Саемот ќе трае до 29 март, а за посетителите ќе биде отворен од 10 до 20 часот, а во недела до 17 часот. Цената на влезницата е 100 денари, а за групни посети и за студенти овозможен е попуст од 50 проценти.
Во рамки на саемот во Управната зграда на Скопскиот саем отворена е и изложба на браќата Урдин.