Буџетот во културата за 2018 година е развоен буџет со кој ги кратиме мегаломанските и непродуктивни трошења на парите на граѓаните, вложуваме повеќе пари директно во културата и уметноста, потенцираше министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, на денешната прес-конференција во Владата на која беше претставен буџетот за култура за 2018 година.
За идната година Владата издвои за културата 4 милјарди 268 милиони и 497 илјади денари, односно 69 милиони и 406 илјади евра. Споредено со лани, тоа е зголемување за 4,48 отсто. Ако се спореди со буџетите на земјите во регионот, процентот од 2 отсто од вкупниот владин буџет што се излева за култура е најголем.
Најмногу пари, поточно 92 отсто од вкупниот буџет ќе бидат за финансирање на дејностите во областа на култура, а само 8 отсто за трошоците на администрацијата.
Како наследени обврски за финансирање се сервисирање на обврските за изградбата на Македонската филхармонија со 600 милиони денари, потоа 13 отсто ќе се потрошат за изградба на Албанскиот театар во Скопје и Театарот и Библиотеката во Тетово, 12 отсто за драмската дејност, 11 отсто заштита на културното наследство, 9 отсто за музичко и сценско-уметничката дејност, 7 отсто за фолклорната и сценско-уметничката дејност, 6,9 отсто за музејската дејност, 6,3 отсто се за блок-дотациите до единиците на локалната самоуправа, а околу 4 отсто или 154.5 милиони денари за Агенцијата за филм.