Најмалку седум лица се повредени во силниот земјотрес кој денеска ја стресе западна Јапонија, при што во погоденото подрачје дошло до прекин на електричната енергија, а забележена е и помала материјална штета на некои згради, соопштија локалните власти.
Од седум повредени, едно лице се здобило со потешки повреди, пренесе агенцијата АП.
Јапонскиот метролошки завод соопшти дека земјотрес со јачина од 6,6 по Рихтерова скала ја погоди префектурата Тотори, околу 700 километри западно од Токио.
Епицентарот е на релативно мала длабочина од 11 километри, а таквите плитки потреси можат да предизвикаат поголема материјална штета од оние подлабоките, иако се чини дека денешниот земјотрес во западниот дел од Јапонија предизвика помала штета.
Се срушија најмалку две куќи, а телевизиските снимки покажуваат дека на некои згради им се оштетени покривите, се урнал ѕид од една работилница за производство на саке, а во продавниците паднале шишиња вино и прехранбени артикли од полиците на подот.
Јапонската државна телевизија НХК објави дека една жена е повредена додека готвела во ресторан, па се здобила со изгореници од врелото масло.
Земјотресот предизвика привремен прекин на струјата во околу 32.000 домаќинства.
Јапонските власти предупредуваат дека нема опасност од цунами.