Пред неколку дена во Музејот на американската уметност „Витни“ во Њујорк, официјално се затвори најголемата ретроспективна изложба посветена на творештвото на Џеф Кунс, еден од најпознатите и најплатените живи уметници на денешнината. Исто така, оваа изложба за која се претпоставува дека ја посетиле стотици илјади луѓе, имаше и своја посебна карактеристика, бидејќи оваа поставка е воопшто и последната изложба поставена во „Витни“, оти музејот во 2015 година се сели на друга локација, во нов објект во Meatpacking District во Њујорк.
Џеф Кунс, најголемиот производител на кичот во светот, кралот на нео-поп артот, вешт манипулатор со традиционалните вредности од многу области на 20 век… Во негова чест беше организирана голема ретроспективна изложба, која, веднаш по своето отворање на 27 јуни годинава, предизвика невиден публицитет не само во Њујорк туку и во целиот уметнички свет. Џеф Кунс во стилот на поп-ѕвезда ја отвори ретроспективната изложба и повторно предизвика хаос во уметничкиот свет.
Кунс – олицетворение на ексцесот на 21 век, гуру на механизмите за поврзување на парите, публицитетот, уметноста, култот на сексот, кичот, баналноста и грдоста. Големиот интерес за изложбата го покажува фактот што за време на неколкумесечното траење на поставката, деноќно имало редици луѓе, кои стрпливо чекаа да ги видат делата на Кунс во музејот „Витни“ на Менхетн.
Оваа изложба, едноставно насловена Jeff Koons: A Retrospective, се карактеризира со идејата на организаторите на едно место да бидат изложени сите негови најзначајни дела работени во текот на три децении долгата кариера, а меѓу нив и најпознатите дела кои претставуваат предимензионирани ликови од цртаните филмови и разни играчки. На изложбата беше поставена и три метри високата скулптура „Play-Doh”, која е завршена непосредно пред отворањето на самата ретроспектива.
Заради монументалните скулптури, организаторите морале да бидат многу креативни за да ги пренесат на горните катови. За овој херкуловски подвиг било потребно за првпат вратите на Музејот да бидат привремено отстранети со цел делата да бидат внесени. Изложбата распоредена на три ката ги вклучува сите негови славни дела во форма на џиновски црвени и златни срца, розовото куче на дување и сребрено геометрискиот зајак. Впечатливо изгледа големата скулптура Baloon Dog од обоен, хромиран метал, која минатата година беше продаденa за рекордни 58,4 милиони долари. Со тоа, овој глобално реномиран американски уметник стана најскапиот жив автор во светот! На ова банално, шематско обликувано куче – кое стана и главен декоративен мотив на H&М женските чанти – му претходеле бројни дела кои Кунс ги нарекол баналии.
Секако, посетителите ги привлекува и најпознатата порцеланска фигура на Мајкл Џексон кој седи на простирка од рози и во скутот држи шимпанзо. Сè е златно и бело, а Џексон и мајмунчето се облечени во идентично бела и златна облека. Делото е создадено во 1988 година, и тоа на аукција достигнало рекордна сума. Кунс, без разлика колку бил банален неговиот живот и дело, ужива репутација на крал на новата уметничка сцена, на пост-ворхоловско време, кој ги радикализирал идеите на Ворхол и новата авангарда, и на тој начин животот на Кунс стана уметничко дело.
Некои од овие дела со своите огромни димензии, бои и материјалот сугерираат на претераност, настаната во периодот додека Кунс бил во брак со поранешната италијанска порно ѕвезда и парламентарка Чичолина. Сета нивна поврзаност, овековечена во скулптура и огромни фотографии со експлицитни сцени од нивниот живот, е сместена во затворен простор на третиот кат од музејот, во кој се влегува еден по еден.
На изложбата се поставени и гигантскиот рак од црвен алуминиум, сината месечина направена од полиран челик, препознатливиот „Пинк Пантер“, мермерниот автопортрет на уметникот, големата вазна со букет цвеќе во полихромирано дрво, скулптурата на монументалното бикефално животно (половина коњ во галоп, половина диносаурус), скулптурата на Мајкл Џексон…
Делата на Кунс имаат силно симболичко значење – ја глофицира Америка, нејзиниот култ кон новото и богатството. Кунс се служи со кодовите на Холивуд, рекламата, популарниот кич и денешното потрошувачко општество. Тој е уметник на кого влијаеле дадаизмот, надреализмот и поп-артот, и кој твори во духот на времето, инспириран од предметите од секојдневниот живот и од симболите на денешнината. Ликовната критика во едно се согласува – неговите полирани уметнички скулптури зрачат свежина и невообичаена „мудрост“. Секако, тие не се просветителски, но се слика на светот во кој живееме.
Џеф Кунс имал осумнаесет години кога во еден хотел во Њујорк се сретнал со Салвадор Дали, својот идол. Тогаш бил срамежлив и не знаел дека еден ден и тој ќе доживее иста популарност. Дали во таа прилика го однел младиот Кунс во старата реномирана галерија Knoedler & Company, и му ги покажал неговите дела за коишто претходно дискутирале. Ова засекогаш го променил животот на Кунс, и во едно интервју признал дека фотографиите што таму биле направени и ден-денес се наоѓаат во неговата спална соба и дека секое утро кога ќе се разбуди гледа во нив. Тој не го крие фактот дека неговите идоли се Пабло Пикасо и Енди Ворхол. Искреноста е доблест што го краси овој педесет и двогодишниот уметник, а можеби и таа му помогнала да постигне ваков успех, без преседан во историјата на уметноста.
Меѓу уметниците конформисти Џеф Кунс предизвикува интелектуална хистерија и потсмевање, а неговото име судбински се поврзува со кичот. Колку што има етимолошки несогласувања во интерпретацијата на овој феномен, толку ги има и кога станува збор за анализирање на делата од овој Американец. Ако се повикаме на одредени самоуверени мислења дека кичот е стар колку и самата уметност, а дека е составен дел на човековите гени, тогаш лесно може да ја разбереме и креативноста на Џеф Кунс, најголемиот производител на кичот во светот.
Неговите дела со години достигнуваат нереални цени, перверзни колку и маслените платна од серијата „Made in Heaven”, со кои дебитирал на Венециското биенале на уметноста во 1990 година. Замислете го целиот тој блазиран свет кој ги гледа еротските уживања на уметникот со неговата тогашна сопруга, италијанската порно дива Чичолина. Посетителите се обидувале да направат или најдат смисла во сето тоа, односно допирни точки на уметноста и кичот, а шокот, гадењето и неприфаќањето биле избрзани ставови на раздразнетите моралисти.
Смислата на кичот не е да се предизвика ренесансни чувства, но да предизвика и да доведе до интелектуална протест, така што Џеф Кунс веднаш по Венециското биенале почна да се движи по естетските „патишта“ кои ќе го однесат до најугледните музеи во светот и аукциски куќи. Неговите подоцнежни дела ќе покажат дека, за разлика од евтината уметност, скапиот кич предизвикува поголем ентузијазам и искрени чувствени задоволства.
Познатиот професор Лудвиг Гиц од Хајделберг за ова ќе каже: „Без стереотипи нема ниту кич“. Независно каков заклучок да се донесе, не постои сомнеж дека популарноста на Џеф Кунс е во стил на музичките поп ѕвезди и дека тој е кралот на нео-поп артот. По Њујорк, изложбата се сели во Париз во месец ноември, а следната дестинација е Шпанија.