Како одговор на се поизразените климатски промени, во срцето на германскиот град Дизелдорф никна необична зграда: преку 30.000 растенија ја покриваат фасадата на петкатната деловна зграда Kö-Bogen II, проект на германското архитектонско биро Ingenhoven Architects.
Растенија, претежно ползавци, поставени се на фасадата во форма на жива ограда што се протега осум километри по косите ѕидови и кровот на зградата.
Покрај растенијата, на фасадата се поставени и системи за наводнување и дренажа, а според проектантите се очекува дека зелената фасада ќе придонесе за прочистување на воздухот во иста мера како 80 листопадни дрвја.
Покрај атрактивниот изглед, вегетацијата на фасадата обезбедува подобра изолација на објектот, а придонесува и за намалување на температурата на воздухот во околина на објектот, што е особено важно во урбаните средини во текот на жешките денови.
За зазеленување на објектот е избран граб, растение кое расте локално, па со самото тоа е отпорно и благодарно за одржување.
„Оградите од граб се вообичаени во Дизелдорф и растенијата што ги избираме ги задржуваат своите лисја во текот на зимата. Успеваат на северна и западна ориентација, отпорни се на силни ветрови, мала е веројатноста дека ќе бидат заразени од штетници и бараат само две до три кастрења во текот на годината. Во текот на зимата на овие растенија не им е потребно греење“, објаснуваат од Ingenhoven Architects.
Покрај комплексниот објект наменет за деловен простор, има и помал објект со триаголна основа, во кој се сместени ресторани и продавници, чиј покрив исто така е покриен со зеленило.
За Ingehoven Architects, овој тип на проекти не е новина, бидејќи компанијата е позната како еден од пионерите на одржлива архитектура.
Зградата со најголема зелена фасада во светот се наоѓа на плоштадот Gustaf-Gründgens во централниот дел на градот, на место со некогаш густ сообраќај.
Дваесет години траело сеопфатното реновирање на самото срце на градот, кое со овој проект, како и со реновирањето на зградата на театарот, конечно е завршено.