Минатата недела, поточно на 13-ти септември, во Виена е отворена новата зграда на дирекцијата на компанијата Wiener Netze, која снабдува со енергија вкупно 2,1 милиони корисници и тоа не само во градот Виена туку и во делови од Долна Австрија.
Се работи за најголемата пасивна зграда во светот во која се сместени 1.400 вработени на оваа компанија. Објектот освен канцелариски простор опфаќа и повеќе работилници и складишта, а тука е сместен и диспечерсиот центар за снабдување со електрична, топлинска енергија и гас.
Целиот комплекс опфаќа 96.000 метри квадратни, а лоциран е во квартот Simmering, на теренот на некогашен енергетски објект. Работите на изградбата на овој енергетски „смарт“ кампус траеле две години, а снабдувањето со електрична енергија за сопствените потреби на објектот ќе се обезбедуваат од фотоволтаични панели.
Применет е концептот на зелени покриви како и софистициран систем за климатизација со помош на подземните води. Цената на оваа инвестиција е 200 милиони евра.