Насловна / Вести / Најголем конструктивен објект во државата

Најголем конструктивен објект во државата

Аеродромот „Александар Велики“ во Скопје го претставуваат три независни функционални целини и тоа: терминална зграда за патници, објект за карго-товари и објект за ППЗ-заштита на аеродромот.
Oд овие три објекти, најимпозантен од конструктивна гледна точка е токму терминалната зграда, која во основа е 201 m х 109 m, поделена на 8 осум ламели. Зградата е со подрум, приземје и кат, со максимална кота на венец од +17.30 m.

01_TAV_DSCN0843
Во статичка смисла, секоја од ламелите претставува армирано-бетонска скелетна конструкција, покриена со челична просторна решетка од цевкасти профили над основата на самиот објект и челична конзолна конструкција со распон од 10.00 m како натстрешница над самиот влез на објектот. Модуларната мрежа на АБ-конструкцијата е 9 х 9 m, додека таа на челичната е 18 х 18 m. Фундирањето е спроведено со армирано-бетонска темелна плоча со контрафори.

06_TAV 20131220_100525_1
За вака проектираната конструкција на објектот, спроведена е анализа со гравитациски и сеизмички товари согласно важечките технички прописи и тоа: статичка тродимензионална анализа на објектот, како и квазидинамичка анализа на носивиот конструктивен систем за реални сеизмички дејства за дадената локација на село Петровец. Аеродромот е димензиониран да издржи земјотрес со амплитуда од 10 степени според Меркалиевата скала.

Објектот на аеродромот е проектиран така што ќе може да обезбеди лесен утовар и истовар на товарот, додека во магацинскиот простор, ќе може да се складираат карго-товарите. Oбјектот е со димензии во основа од 76 х 38 м со вкупна бруто-површина од околу 3.750 m2. Тој е со катност Пр+2 (+0.00 m, +2.75 m и +5.80 m). Кровната конструкција е челична просторна решетка со максимална кота на венец +11.60 m.

Објектот за ППЗ-заштита на аеродромот е ламела поделена на два блока со меѓусебна термичка дилатација. Димензиите во основа на првиот блок во кој се сместени канцеларии, простории за престој, кујна итн. се 17.0 х 16.80 m со вкупна бруто-површина од околу 860 m2. По висина, првиот блок содржи три нивоа и тоа (+0.00 m, +4.20 m и +8.40 m).

03a 3D_Matem model PP zgrada blok 2

 

Во вториот блок е сместена гаражата за противпожарните возила, којашто е со димензии во основа 38.90 х 12.50 m и вкупна бруто-површина од околу 490 m2. Овој блок се состои од приземје (+0.00 m) и кровна челична просторна решетка на ниво +5.40 m.

Терминалната зграда е најимпозантен објект од овие три објекти од конструктивна гледна точка. Се состои од осум независни блока, дилатирани меѓу себе со термичка дилатација.

01 3D_Matem model Terminalna - Lamela 1

 

Таа е со вкупен габарит од 198 х 90 m во основа и вкупна бруто-површина од околу 52.000 m2. Зградата е со четири нивоа и тоа подрум (-5.50 m кој е уреден како технички простор, приземје (+0.00 m) наменето за доаѓања и заминувања на патници, прв кат (+5.50 m) кој е предвиден за канцеларии, додека вториот кат (+9.40 m) е резервиран за мали кули во кои е обезбеден простор за механичка соба. Оваа зграда е со максимална кота на венец од +17.30 m.

05_TAV 20131220_100403

Врската на оваа зграда со авионите е остварена преку неколку мостови за патници. Овие мостови се состојат од три ката со скали и конекција што ги поврзува со терминалната зграда.

Во статичка смисла, секоја од осумте ламели, претставува армирано-бетонска скелетна конструкција, покриена со челична просторна решетка.

04_TAV 20131220_080837

Првата ламела од терминалната зграда е составена од пет рамки во „х“ правец и седум рамки во „у“ правец, ортогонално поставени меѓу себе на растојание од 9.00 m во двата правца во подрумот и приземјето, додека на првиот и вториот кат, распонот е двојно поголем, односно тој изнесува 18.00 m.

Во тој контекст, усвоени се столбови со димензии во попречен пресек 60 х 60 см, 60 х 80 cm, 80 х 80 cm, 60 х120 cm и 80 х 120 cm, константни по цела висина на објектот.
АБ-платформите до ниво +9.40 m се изведени како армирано-бетонски касетирани конструкции. Примарните АБ-греди се со димензии во попречен пресек 120 х 80 cm, 100 х 80 cm, 100 х 70 cm, 80 х 70cm и 60 х 70 cm, додека секундарните АБ-греди се со димензии во попречен пресек 40 х 70 cm. АБ-плочата е со дебелина од 15 cm. Предвидени се и АБ-подрумски ѕидови кои се со дебелина од 40 cm.

01d Terminalna zgrada Poprecen presek

Фундирањето е спроведено со армирано-бетонска темелна плоча од 40 cm со контрафори од 80 см по должина на „х“ оските под столбовите.

01a Terminalna zgrada Osnova na temeli

Сите армирано-бетонски конструктивни елементи се проектирани со марка бетон МБ30, додека за арматура е предвидена ребраста арматура, тип РА400/500-2.

01b Terminalna zgrada Prizemje

Кровната конструкција е всушност челичен просторен решеткаст носач со пад од 6.2 %, поради што висината на столбовите од АБ-конструкција варира во зависност од кровната конструкција. Челичната просторна кровна решетка составена е од цевкасти профили и е потпрена на секои 18.00 m врз зглобни челични лежишта. Притоа над самиот влез од објектот таа конзолно се испушта како натстрешница со распон од 10.00 m. Инаку просторната решетка е со константна висина од 2.121 mm, додека нејзиниот карактеристичен модул е 3.000 mm. Врз просторната решетка налегнуваат челични рожници од „U“ профил 130/60/3 поставени на максимално растојание од 3000 mm. Кровната конструкција е пресметувана на постојани товари, товар од снег и ветер, од вертикални сеизмички сили, како и од температурно влијание.
За вака проектираната армирано-бетонска конструкција на објектот, спроведена е анализа со гравитациски и сеизмички товари, согласно важечките технички прописи и тоа: статичка тродимензионална анализа на објектот со помош на методот на конечни елементи. Сеизмичките сили пак се добиени со динамичка анализа и современите сознанија за однесување на ваков вид објекти во сеизмички региони, при што се користени сеизмичките параметри за проектирање добиени од страна на ИЗИИС Скопје.

01 3D_Matem model Cela Terminalna zgrada

 

Применувајќи го моделирањето со концентрирани маси, кое претставува концентрирање на дистрибуираните карактеристики на карактеристичните нивоа, извршена е нелинеарна динамичка анализа со примена на соодветен катен билинеарен модел. Притоа се користени четири различни видови земјотреси (El Centro N-S; Petrovats, Oliva N-S; Izmit N-S) со влезно забрзување од аmax=0.40g. Тоа значи дека објектот од асеизмички аспект, а според важечките стандарди кај нас, е третиран за повратен период од 475 и 1000 години и експлоатационен период од 100 години. Сеизмичката сигурност на објектот се дефинира преку линеарните и нелинеарните деформации предизвикани од сеизмичкото дејство, од една страна, и капацитетот на деформации на конструктивниот систем кој може да ги поднесе, од друга страна, односно сигурност претставена преку дуктилното однесување на пооделните катови на објектот. Максималните апсолутни поместувања и максималните релативни катни поместувања добиени со динамичката анализа се помали од дозволените поместувања според прописи за ваков вид на објекти.

01g Terminalna zgrada Dispozicija

Како краен заклучок на изведената статичка пресметка и сеизмичка (динамичка) анализа е дека вака проектираната конструкција на терминалната зграда поседува доволен капацитет на механичка отпорност, носивост и деформабилност, односно дека нејзиното динамичко однесување е во согласност со поставените проектни критериуми.

03_TAV Aerodrom_TAV_970

Автор: м-р Влатко Коцевски, дипл.град.инж.

Испрати коментар

Scroll To Top