Во 2015 година Франција повторно ќе има најголем број електрични возила во Европа, пред Норвешка која минатата година ѝ го презеде водството, покажуваат податоците од Асоцијацијата на индустријата за електрични возила (AVERE).
Во минатата година во Норвешка се продадени 18.649 возила на електричен погон, додека на францускиот пазар се продадени 15.046 такви возила, пренесува Reuters. Првото место во 2013 година го држеше Франција со 13.954 продадени електрични автомобили. Со повеќе од 43.000 продадени електрични автомобили, почнувајќи од 2005 година, Франција останува најголем европски пазар, а со оглед на новата политика за поддршка на оваа бранша францускиот пазар и во 2015-та ќе ја потврди лидерската позиција, оценува AVERE.
Најпродаваните електрични автомобили во Европа во минатата година беа Nissan Leaf, Renault Zoe и Tesla S.