Прогласени се најдобрите трговски објекти во Скопје за годинава во седум категории, избрани на манифестацијата „Месец на трговијата“, во рамки на проектот што Град Скопје го реализира минатиот месец во соработка со агенцијата SWAT Research.
„Тинекс“, „Нова Маркет“ и „Рамстор“ се прогласени за најдобри супермаркети во 2014 година, а „Шипад мебел“, „Лектус груп“ и „Ников мебел“ за најдобри салони за мебел и канцелариска опрема. Во категоријата „парфимерии и козметика“ најдобри, според изборот, се „Бјути поинт“, „Еликсире ексклузив“ и „Локатин“, кај „бутици“ „Спрингфилд“, „Венис“ и „Атила“, кај „апарати за домаќинство, бела техника и се за дома“ „Нептун, „Алгротехна“ и „Елипсо“. Најдобри трговски објекти за компјутерска, аудио и видео и телекомуникациска опрема се „Сони галерија“, „Нико компјутери“ и „Анхоч пи си маркет“, а за модни додатоци и накит „Сигма“, „Оксет“ и „Божиновски“.
„Проектот произлегува од Програмата за финансирање на проекти за развојот на занаетчиството, угостителството и трговијата на град Скопје за 2014 година. Целта на манифестацијата е да го поттикне развојот на трговијата и занаетчиството и да укаже на потребата од следење на современите текови и примената на модерните технологии во овие стопански гранки, како и да се изврши сондирање на квалитетот на услугите во трговијата во повеќе дејности на ниво на град Скопје, со цел стимулирање на трговците за подобра услуга, снабдување со квалитетна стока за продажба, како и постигнување на атрактивни цени на производите“, рече градоначалникот на Скопје Коце Трајановски, кој денеска ги додели плакетите на претставници на најдобрите трговски објекти.
Истражувањето се спроведува по пат на т.н. mystery shopping, а тајните купувачи по направената евалуација изготвија извештаи кои се изработени по одредените критериуми, како што се: изгледот и пристапот до објектот, снабденост со стока, аранжирање на просторот, услуга на персоналот, помош при изборот на производот, хигиена пред и во објектот, начинот на плаќање, начинот на истакнување на цените на производите, состојба на опремата и на униформите.
Во рамки на проектот се спроведуваат вкупно 1.000 посети на тајните купувачи и тоа по три посети на еден објект, во сите седум категории трговски објекти.