Проектот за социјално домување во Барселона од локалното биро Peris + Toral Arquitectes е прогласен за добтник на Меѓународната награда на Кралскиот институт на британски архитекти (RIBA) за 2024 година, истакнувајќи се како најдобар од трите проекти во потесниот избор.
Под едноставно име „85 социјални станови во Корнеља“ (85 Social Dwellings in Cornellà) проектот на шпанските архитекти го освои биеналното архитектонско признание кое во преден план ги става општествено одговорните проекти од целиот свет.
Овие „инклузивни и одржливи“ станови пофалени се за нивниот проект заснован на модуларна дрвена структура – проектирана така да им овозможи флексибилност на своите станари – за што жирито вели дека е „и аспиративно и демонстрира вистинска промена“.
Станови организирани околу централна кујна
Завршен во 2022 година, овој станбен комплекс се состои од 85 идентични станови, каде што секој е организиран околу централна кујна, која служи и како главен простор за комуникација.
Според авторите од Peris + Toral Arquitectes, овој распоред е дпроектиран со идеја да се направи „домашната работа видлива“ во секој дом, со цел да се предизвикаат родовите улоги и да се преиспитаат традиционалните станбени распореди.
Клучна карактеристика на проектот е применетата модуларна структура од масивно дрво, која е избрана со намера на објектот да му обезбеди подобра идна приспособливост, додека истовремено се намалува јаглеродниот отпечаток и времето на изградба.
Основачот на фирмата Amateur Architecture Studio, Лу Вењу, кој беше претседател на жирито, го прогласи проектот за „заслужен победник“ и додаде: „Преку овој иновативен пристап на социјално домување, Peris + Toral Arquitectes одговориле на променливите барања на социјалните групи преку создавање на проект за домување кој е адаптивен, инклузивен и одржлив“.
Поврзување во рамките на заедницата
Вењу посочува дека предноста на проектот е во тоа што не е дефиниран со стереотипи и претпоставки за тоа што претставува „семејство“, како и дека со интелигентната организација на просторот се поттикнува жива интеракција и поврзаност во заедницата, што води до архитектурата да функционира на различни нивоа, од индивидуалниот стан до колективниот простор.
Претседателот на RIBA, Muyiwa Oki, рече дека победничкиот проект нуди „моќен пример за тоа како архитектите можат да создадат нови и применливи решенија за заедничкиот предизвик за создавање станови за сите“.
„Инспиративниот проект за домување на Peris + Toral Arquitectes во Шпанија го отелотворува оној трансформациски дух кој е и аспиративен и покажува вистинска промена. Овој визионерски план овозможува нови и идни идеи за тоа што претставува семејството и треба да се гледа како план за реализација на одржливо, квалитетно домување ширум светот во голем обем“, посочи Oki.
Меѓународната награда RIBA се доделува секоја втора година за зграда која „демонстрира визионерско размислување, оригиналност, реализација со исклучителен квалитет и дава јасен придонес за своите корисници, животна средина и заедниците“, што овој проект секако го прави.