Надлежните институции очекуваат за две недели да биде нормализиран сообраќајот на регионалниот пат Велес-Градско, кој е во прекин веќе седум дена поради одрон на голема и повеќе помали карпи кај мостот на Тополка на влезот во Велес и се пренасочува преку автопатот Е-75.
Општина Велес пред неколку дена од безбедносни причини постави барикади на 50 метри над и 50 метри под одронот на карпите. Со оваа мерка се забранува секое движење на пешаци и велосипедисти, бидејќи теренот не е безбеден, а и дождот кој непрекинато паѓа може да предизвика нови лизгања, предупредуваат од општината.
Според професорот Милорад Јовановски од Катедрата за геомеханика при Градежниот факултет, проблемот ќе се решава во две етапи, со преземање првин на привремени, а потоа и трајни мерки за санирање на теренот. Првин со секундарно минирање треба да се раздробат карпите кои се на регионалниот пат и потоа да се расчистат за да се оспособи патот за сообраќај. Најтешката од карпите се проценува дека тежи околу 25 тона.
Како што информираат за МИА од подружницата на ЈП „Македонија пат“ во Велес, ЈП за државни патишта деновиве на тендер треба да избере градежна фирма која ќе изврши минирање на карпите и расчистување на теренот. На крај патот ќе биде дорасчистен од екипи на ЈП Македонија пат Подружница Велес, а според договорот работата треба да биде завршена за петнаесетина дена.
Во трајни мерки професорот Јовановски од Градежниот факултет од Скопје препорачува методи кои се применуваат секаде во светот. Третирање на местото со прскав бетон и анкерисување по што зоната целосно ќе се заштити. Тоа, посочува, е скап проект и за негова реализација потребни се доста финансиски средства.