Насловна / Вести / Најавени инфраструктурните проекти за 2015 во Скопје

Најавени инфраструктурните проекти за 2015 во Скопје

trajanovski

Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски на предновогодишната прес-конференција се осврна на проектите кои Градот ги реализираше во старата и ги најави градежни активности за новата година.

-Во 2014 година го проширивме и реконструиравме првиот дел од улицата „Трета македонска бригада“, која прерасна во широк и проточен булевар, се проширува третиот дел од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, се проширува улицата „Јордан Мијалков“, се гради кружен тек на булеварот „Партизански одреди“, кај Порта Влае, ја проширивме крстосницата кај Шумарскиот факултет, ги обновивме крајните сообраќајни ленти пред пет автобуски стојалишта, истакна Трајановски.

Потсети дека се подигнати нови парковски површини покрај булеварот „Февруарски поход“, по должината на проширениот дел од булеварот „Трета македонска бригада“ и покрај булеварот „Видое Смилевски Бато“, а се уредува и нова зелена површини во паркот „Македонија“. Се изведува третата фаза од фекалниот колектор во Инџиково а реконструирана е атмосферската канализациска мрежа на улицата „Финска“, на булеварот „Киро Глигоров“, … Додаде дека интензивно се работи на подготовка на многубројни проекти за наредната 2015 година, а акцентот ќе биде ставен на големите инфраструктурни зафати.

– За 2015 година на подрачјето на Општина Чаир се планирани неколку поголеми инвестиции како што е проширување на булеварите „Христијан Тодоровски Карпош“, „Цветан Димов“ и „Никола Карев“. Во Буџетот за 2015 година предвидовме и средства за реконструкција на фекалната мрежа од улицата „Московска“, по должината на булеварот „Партизански одреди“. Како едни од најголемите инфраструктурни проекти кои ќе се реализираат на подрачјето на Општина Аеродром во 2015 година се втората фаза од проектот за реконструкција и проширување на булеварот „Трета македонска бригада“, како и продолжувањето на булеварот „АСНОМ“ кон населбата Горно Лисиче, на потегот од улицата „Февруарски поход“ до улицата „Тодор Чангов“. Се планира изградба на фекалниот колектор по должината на булеварот „Видое Смилевски Бато“, а ја подготвуваме и техничката документација за десниот колектор од булеварот „Србија“ до препумпната станица, најави Трајановски.

Во Општина Бутел, од Градот планираат изградба на нов атмосферски колектор кај подвозникот на улицата „Боца Иванова“ до реката Серава. Во Општина Центар се предвидува дооформувањето на Малиот ринг и проширувањето на улицата „Даме Груев“, каде што треба да се урива дел од една зграда. Наредната 2015 година ќе се догради и улицата „Јордан Мијалков“.

– Планираме да го прошириме и делот од булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“, од булеварот „Свети Климент Охридски“ до Клубот на пратеници. Интензивно се подготвуваме за реконструкција на улицата Маџари, во Општина Гази Баба. Ќе работиме и на изградба на фекална канализација на патот од село Трубарево до Идризово, како и на изградба на фекална канализација за селата Црешево, Смиљковци и Виниче. Ќе се проширува раскрсницата на улицата Благоја Стефковски со улицата Маџари, а ќе се работи и на проектот за проширување на булеварот Александар Македонски до клучката „Дијамант“, истакна Трајановски.

Во наредната година предвидено е и проширување на булеварот „Борис Трајковски“ во должина од два километра, а ќе се работи и на проектот за пробивање на улицата „Есенинова“, којашто е врска меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Трета македонска бригада“.

Испрати коментар

Scroll To Top